Со ребалансот на Буџетот, како што тврди лидерот на социјалдемократите, Владата крати кај младите, социјално ранливите граѓаните, кај стопанството, а предупреди и дека извршната власт нема обезбедено доволно средства ниту за редовна исплата на пензиите
Дополнително, претседателот на СДСМ посочи дека наместо Владата да инвестира во младите и иднината на државата, со ребалансот ги намалува средствата токму во програмите што треба да обезбедат развој во овој сектор
Нема раст, нема повисоки плати, има само долгови и осиромашување на граѓаните, обвини претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, на денешната прес-конференција критикувајќи го ребалансот на Буџетот, кој, како што додаде, води кон нови задолжувања и дополнително осиромашување на граѓаните.

Според Филипче, само шест месеци по носењето на Буџетот за 2026 година, Владата со ребалансот признава дека клучните економски проекции биле промашени и притоа оцени дека тоа е доволен доказ за лошо планирање и управување со јавните финансии.
Лидерот на Социјалдемократскиот сојуз рече дека наместо ветен економски раст и стабилизација, граѓаните добиле повисока инфлација и зголемен дефицит.
„Наместо ветена инфлација од 2,5%, граѓаните добија 4,5% инфлација. Значи двојна инфлација, што претставува дополнителен удар врз семејните буџети. Со новиот дефицит од над 110 милиони евра, се задолжуваат идните генерации. Ова е опасно и неодржливо задолжување“,
потенцираше Филипче.
Според него, недостасуваат сериозни реформи и рационализација на трошоците, додека граѓаните се соочуваат со сè повисоки сметки и сè поскапа храна.
„Едноставно трошоците за живот се сè поголеми. Ребалансот не е план за развој. Ребалансот е практично признание дека оваа влада лошо ја води економијата“,
рече тој.
Со ребалансот на Буџетот, како што тврди лидерот на социјалдемократите, Владата крати кај младите, социјално ранливите граѓаните и кај стопанството, но не и кај сопствениот луксуз. Според него, парите коишто се додадени за надоместоци и права од социјална заштита во износ од две милијарди денари нема да бидат доволни до крајот на годината бидејќи, според пресметките на опозициската партија, ќе фалат уште три милијарди денари за да се сервисираат сите обврски.
„Тоа значи дека оваа година ќе нема покачување на поддршката за социјално ранливите категории. Кај заштитните друштва кои вработуваат инвалиди има додадено 300 милиони денари, ама фалат уште 500 милиони денари да се покријат сите трошоци. Последната исплата е за јули 2025 година, значи овие 300 милиони денари што се додадени, ќе треба само да се исплати 2025 година, за 2026-та нема ниту денар“,
рече Филипче.
Тој предупреди дека Владата нема обезбедено доволно средства ниту за редовна исплата на пензиите.
„Кај пензиите, парите што се исплаќаат од МТСП кон ПИОМ не се зголемени, а фалат 10 милијарди денари за до крај на годината. Значи, исплатата на пензиите е практично доведена во прашање“,
рече Филипче.

Дополнително, претседателот на СДСМ посочи дека наместо Владата да инвестира во младите и иднината на државата, со ребалансот ги намалува средствата токму во програмите што треба да обезбедат развој во овој сектор.
„Во Програмата за млади, наместо парите да се зголемуваат, Владата ги намалува средствата за еден милион денари. Младите, науката, иновациите, дигитализацијата, зелените политики, исто како и поддршката на бизнисот, остануваат на маргините. Едноставно нема никаква поддршка“,
рече тој.
Притоа, Филипче потенцираше дека со ребалансот се намалува поддршката за стопанството, кое треба да биде двигател на економскиот раст и главен извор на приходи во Буџетот.
„Бизнисот е повторно оставен на маргините. Во програмата Д-9, ‘Финансиска поддршка на инвестиции’, се намалуваат парите. Од 1,23 милијарди на 1,03 милијарди денари, значи 200 милиони денари помалку. Во програмата ‘Економски развој’, од 8 на 7,3 милијарди денари, значи 661 милион денари помалку. Нема поддршка за стопанството кое што треба да го храни и да го полни Буџетот“,
рече Филипче.
Во исто време, како што нагласи тој Филипче, Владата не се откажува од сопствениот комфор и непродуктивното трошење.
„Тврдат дека штедат, а кратењето кај стоки и услуги е симболично, едвај и 0,1%“,
изјави лидерот на СДСМ.
