Ангелов појасни дека во негова претходна изјава за дневниците што ги добиваат доброволците мислел на тимовите за брз одговор на Дирекцијата. Потенцира дека доброволните пожарникари не добиваат никаков надомест

Најмалку 120 доброволни пожарникари ќе ѝ бидат на располагање на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) секој ден во текот на критичната летна сезона. Ова е договорено на денешната средба меѓу директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов, и претставниците на доброволните противпожарникарни друштва (ДПД) во земјата.
Намерата на менаџментот е годинава ангажманот на Армијата и полицијата во делот на човечките ресурси да се сведе на минимум.
Ангелов на денешната прес-конференција појасни дека целосно се менува структурата на менаџирање.
Избрани се неколку лица кои по принцип на воена пирамида ќе ги координираат и информираат останатите единици за брз одговор. Во случај на пожар, Дирекцијата директно ќе контактира со конкретен „командир“, кој веднаш ќе упатува 10, 20 или 30 луѓе на терен.
Ангелов појасни дека во негова претходна изјава за дневниците што ги добиваат доброволците мислел на тимовите за брз одговор на Дирекцијата. Потенцира дека доброволните пожарникари не добиваат никаков надомест.
„Нашите доброволни пожарникари не добиваат никаков надомест од државата и се извинувам доколку некој се почувствувал засегнат. Повторувам дека зборував исклучиво за тимовите за брз одговор на Дирекцијата кои добиваат дневница. Иако најголемиот дел од доброволците не бараат никаков надомест, минатата година како Дирекција останавме должни кон дел од нив поради ограничениот буџет. Тоа ќе го регулираме во наредниот период“,
рече тој.
Артан Демири од Доброволното пожарникарско друштво „Бајрам Мифтари“ од Чаир посочи дека друштвото, заедно со подружниците во Долнени, Чучер-Сандево, Арачиново и Липково, располага со три возила – навално, камион-цистерна и командно комбе, но досега немаат примено никакви средства или надоместоци од институциите.

Златко Илиев од ДПД Кочани нагласи дека најголема кочница се системските пропусти околу финансирањето и увозот на возила и опрема.
„Овде сме оданочени, плаќаме данок. Државата мора сериозно да ги отстрани овие препреки кои ни создаваат проблем“,
изјави тој потврдувајќи дека досега немаат добиено средства од ДЗС.
Александар Ангелевски од ДПД „Архангел“ од Битола рече дека нивните 40 оперативни пожарникари со девет возила работат целосно без пари, а од државата бараат помош барем за покривање на основните трошоци – сервисирање на возилата, опрема и набавување храна.
Со измените во Законот за заштита и спасување, Ангелов вели дека се очекува олеснување на оперативното работење ова лето.
Тој вели дека правото за учество во тимовите за брз одговор кај мажите е зголемено од 55 на 64 години, а кај жените од 52 на 62 години.
Во однос на состојбата со пожарите, Ангелов соопшти дека генерално секојдневно има по повеќе од десетина пожари кои веќе стануваат сериозни.
Кризната состојба во државата е во сила од 1 јули, а секојдневно веќе се регистрираат по повеќе од десет сериозни пожари на отворено. Како пример за тешка интервенција беше посочен неодамнешниот голем пожар во борова шума кај Штип. Таму постоела реална опасност да изгори филтер-станицата, со што градот ќе останел без вода за пиење, но со брза реакција на ТППЕ Штип и доброволците, пожарот бил изгаснат.
