На вчерашниот состанок во парламентот, како што изјави денеска премиерот, тие како ВМРО-ДПМНЕ јасно го кажале нивниот став дека поголем опфат на дијаспората во изборниот процес е нешто што за партијата претставува стратешка цел, додека од другата страна, конкретно од СДСМ и Левица излегле со позиции кои за носечката партија во власта се неприфатливи и кои се поставуваат со цел да нема договор
Мицкоски и денеска повтори дека како партија се подготвени да прифатат една изборна единица, како и поголем буџет за оние партии што не се дел од четирите најголеми, само да се донесе Изборниот законик
Премиерот Христијан Мицкоски денеска потврди дека вчера во парламентот имало состанок меѓу политичките партии во обид да се постигне решение за спорните прашања меѓу власта и дел од опозицијата за измена на Изборниот законик, но договор не бил постигнат, поради, како што рече, радикализираните позиции на дел од партиите.

На состанокот, рече Мицкоски, тие како ВМРО-ДПМНЕ јасно го кажале нивниот став дека поголем опфат на дијаспората во изборниот процес е нешто што за партијата претставува стратешка цел, додека од другата страна, конкретно од СДСМ и Левица излегле со позиции кои за носечката партија во власта се неприфатливи.
Рече дека разговорите ќе продолжат и утре, но по вчерашниот систанок, додаде тој, сè помалку е оптимист дека ќе се постигне согласност за Изборниот законик.
„Дел од политичките партии излегоа со сосема радикализирани позиции. Едната беше да се гласа во рамките на Државната изборна комисија со консензус, нешто што за нас не е прифатливо. Тоа е позиција која некој ја поставува за да нема договор. Второ, политичката партија Левица излезе со барање за повеќе средства за кампањата, односно да има повеќе пари за рекламирање, како и да има една изборна единица, од СДСМ ги знаете барањата и така натаму. Нашиот став е јасен. Сакаат повеќе пари? Добро, нека има помалку за нас, а повеќе за нив. За тоа сме согласни. Согласни сме и да има една изборна единица. Подготвени сме да ги прифатиме сите барања на СДСМ и на коалициските партнери на СДСМ. Немаме никаков проблем“,
рече Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за време на денешната посета на Кавадарци каде присустуваше на поставување камен-темелник на изградба на нов објект во рамки на Спортскиот центар „Јасминʼʼ.
Надополнувајќи се во одговорот, премиерот рече дека принципиелно во демократија одлуките не се носат со консензус, туку од страна на мнозинството, додавајќи, во тој контекст дека Македонија не е ниту консензуална дрѓава, ниту еднопартиски систем.
„Тоа е едното. Второ, мораме да најдеме начин. Ние на маса го претставивме и нашиот предлог – да се гласа по пат на пошта, со писма, како што тоа е овозможено во неколку десетици земји-членки на Европската Унија. Значи, подготвени сме да прифатиме, сè да прифатиме и една изборна единица, како и поголем буџет за оние партии што не се дел од четирите најголеми. Нека има, нека се рекламираат ако сметаат дека тоа им е важно, само да го донесеме Изборниот законик“,
изјави Мицкоски.
Сепак, како што посочи тој, очигледно кај СДСМ и Левица постои страв од пораз на следените парламентарни избори и затоа се обидуваат да го бојкотираат процесот на донесување на измените на Изборниот законик, како и земјата да не испорача десет од десет индикатори од Реформската агенда. Во таа насока, Мицкоски рече оти сметале дека имаат работа со зрели и одговорни луѓе, но, според него, очигледно е дека надвладуваат партиските и финансиските интереси.
„Во ред девет од десет ќе има, а единствениот преостанат е Изборниот законик. Ние не сакаме тој да се носи со европско знаменце, ниту целиот процес да биде некако изнасилен. Мислевме дека имаме работа со зрели и одговорни луѓе кои се грижат за иднината на земјата, но очигледно е дека партиските интереси, партиското политичко мочуриште, финансиските интереси и некои други интереси се пред и над се ние тука не можеме да помогнеме. Разговорите ќе продолжат утре, но по вчерашниот состанок сè помалку сум оптимист“,
рече Мицкоски.
