Како може лице условно осудено за злоупотреби, бизнис-партнер на Мицкоски, да биде задолжено за добро владеење, борба против корупцијата, судир на интереси? Со криминална организирана група на власт можно е. Во ниту една нормална демократска и европска земја ова не е можно. Ова е врв на политичкиот цинизам и потврда на сѐ што досега говориме: цела влада е ставена во функција на бизнис-интересите на Мицкоски и на ВМРО-ОКГ, кажа Фрчкоски
Реконструкцијата на Владата на Мицкоски е само театар, ништо во суштина не се менува во тендер-коалицијата, новите имиња се само нова амбалажа за истото корумпирано владеење, кое продолжува да произведува нови скандали, нови криминални тендери и нови разочарувања за граѓаните, обвинуваат од СДСМ. На денешната прес-конференција, членот на Извршниот одбор на партијата, Јон Фрчкоски, објави дека со владиниот ресор добро владеење ќе раководи актуелниот секретар во Владата за јавни политики и координација, Димитар Димовски.
„Денеска ќе покажеме што значи за Мицкоски ’доброто владеење’. Погодувате веднаш, бизнис, тендери, злоупотреби. За ресорот добро владеење Мицкоски го планирал Димитар Димовски. А кој е Димитар Димовски?Долгогодишен бизнис-партнер на Мицкоски во хидроцентралите. Прво Мицкоски го постави до себе во Владата како секретар за јавни политики, сега го унапредува. Неговата сопруга, Ефимија Димовска, Мицкоски ја постави во Развојната банка, институција што одлучува за кредитни линии, финансирање и енергетски проекти иако има фирма која е поврзана со енергетика“,
вели Фрчкоски.

Од СДСМ додаваат дека Димовски е условно осуден во случајот „Топлик“ за продажбата на државно земјиште во „Сончев град“ во Сопиште, како и меѓу обвинетите за случајот „Шпански скали“, поврзан со „Скопје 2014“.
„Како може лице условно осудено за злоупотреби, бизнис-партнер на Мицкоски, да биде задолжено за добро владеење, борба против корупцијата, судир на интереси? Со криминална организирана група на власт можно е. Во ниту една нормална демократска и европска земја ова не е можно. Ова е врв на политичкиот цинизам и потврда на сѐ што досега говориме: цела влада е ставена во функција на бизнис интересите на Мицкоски и на ВМРО-ОКГ. Владата е претворена во приватна фирма, партиски ДООЕЛ, во која најважни се бизнис-партнерите, кумовите и блиските луѓе на Мицкоски“,
додава Фрчкоски.
Тој додава и дека Димовски треба да биде разрешен од позицијата во Кабинетот на Мицкоски.
„Кога човек условно осуден за злоупотреби и бизнис-партнер на Мицкоски се бира за ’доброто владеење’, тогаш станува јасно дека под оваа власт корупцијата наградува“,
порача Фрчкоски.
