Сите партии го компромитираат процесот за носење на една изборна единица. Триесет години ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги кројат правилата на игра за да им одговара ним. Затоа и сега електронското гласање на дијаспората беше заговор кој ВМРО-ДПМНЕ им го даде на СДСМ за да го оправда нивното блокирање, рече Мециновиќ
Носењето на Изборниот законик е закочено затоа што од почеток има „заговор“ тој воопшто да не се донесе, обвинуваат од Левица. На денешната прес-конференција, пратеникот Амар Мециновиќ од Левица рече дека блокадата на новиот Изборен законик е резултат на долгогодишен политички договор меѓу најголемите партии за зачувување на изборниот модел.
„Триесет години партиите ви ветуваат една изборна единица. Нема ништо од тоа. Не се нагласува, не се наговестува. Од оваа констелација на парламентарниот состав моментално при воведување на една изборна единица, сите партии имаат да изгубат освен Левица. Сите партии го компромитираат процесот за носење на една изборна единица. Триесет години ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ги кројат правилата на игра за да им одговара нив. Затоа и сега електронското гласање на дијаспората беше заговор кој ВМРО-ДПМНЕ им го даде на СДСМ за да го оправда нивното блокирање“,
вели Мециновиќ.

Со постојниот Изборен законик, Мециновиќ обвини дека на уште едни избори Левица нема да има шанса за фер учество.
„И мораме да зборуваме искрено дека ова не станува збор за финансии, туку станува збор за избори кои вие повторно ќе ги имате како граѓани на Република Македонија во оркестрација на ВМРО-ДПМНЕ, кои нема да бидат фер. Ниедна држава, ниедна демократија не може на еден политички субјект два пати поред да не му дозволи да настапува нормално на изборите. И со тековниот Изборен законик кој ниту ве претставува вас како што треба, затоа што ја нема едната изборна единица, ниту кој овозможува фер избори, затоа што на Левица ќе се даде хендикеп, со овој Изборен законик кој ќе одиме, тој Изборен законик ќе им одговара и на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ“,
додаде Мециновиќ.
Вчера премиерот Мицкоски изјави оти има уште околу две недели да се постигне консензус и да се донесе Изборниот законик. Според него, Изборниот законик е целосно усогласен со препораките на ОБСЕ и ОДИХР, но не е донесен поради, како што кажа, неодговорно однесување на опозицијата.
„Фројд понекогаш проработува, мислат дека како тие што се однесуваат и сите други се однесуваат, но еве ние сме подготвени повторно да седнеме, повторно да разговараме да најдеме модалитет за гласањето на дијаспората во обем да биде многу поголемо, со што би заштедиле пари, еве нека биде преку пошта, со писма, било како, но да најдеме форма да го интензивираме гласањето на дијаспората и да го направиме достапно за дијаспората“,
рече Мицкоски.
Во однос на обвинувањата на власта дека СДСМ со блокирањето на Изборниот законик намерно ја кочи европската Реформска агенда, Филипче вчера порача дека станува збор за уште еден изговор со кој премиерот се обидува да го прикрие сопствениот неуспех на европскиот пат.
„Ние нашите позиции во однос на Изборниот законик јасно ги кажавме и ги образложивме, од што стравуваме, зошто сметаме дека тоа не е добро да биде така формулирано во законот. Зошто да има различно гласање за дијаспората и за луѓето коишто живеат во дијаспора, од луѓето коишто тука живеат? Зошто ние тука гласачите да оставаме отпечатоци од прст и така натаму, а некој да гласа електронски или да гласа со писмо“,
рече Филипче.
