На дневен ред на 112. седница се ставени три точки, како Предлог за разрешување членови на Владата, Предлог за разрешување заменик-министри и Предлог за избор на нови членови на Владата
Тоа значи дека на седницата прво ќе се гласа за разрешување на осумте актуелни министри и двајцата заменик-министри опфатени со реконструкцијата на Владата на премиерот Христијан Мицкоски, по што ќе следи гласање за предложените осум нови министри
Предлозите за разрешување и избор на нови членови на Владата пристигна во Собранието, информираат денеска од собраниската прес-служба.

Седницата на која пратениците ќе расправаат за владината реконструкција е закажана за понеделник, 13 јули.
На дневен ред на 112. седница се ставени три точки, како Предлог за разрешување членови на Владата, Предлог за разрешување заменик-министри и Предлог за избор на нови членови на Владата.
Тоа значи дека на седницата прво ќе се гласа за разрешување на осумте актуелни министри и двајцата заменик-министри опфатени со реконструкцијата на Владата на премиерот Христијан Мицкоски, по што ќе следи гласање за предложените осум нови министри.
Според процедурата, премиерот пред пратениците ќе го образложи предлогот за новиот состав и смените на министрите, по што ќе следи расправа и гласање за доверба на новите членови на извршната власт.

Според предложените кадровски решенија, се предлага разрешување на Игор Филков од функцијата министер за правда, а на негово место е предложен Јетон Шасивари.
За министер за односи меѓу заедниците, наместо Иван Стоилковиќ е предложен Агон Ферати, додека Стоилковиќ е предложен да го преземе Министерството за локална самоуправа, на местото на Златко Перински.
За министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, наместо Цветан Трипуновски е предложен Борче Серафимовски.
За министер за здравство, наместо Азир Алиу, е предложен Сашо Клековски.
Досегашниот заменик-министер Ѓоко Велковски е предложен за министер за социјална политика, демографија и млади, на местото на Фатмир Лимани.
За министер за култура и туризам, наместо Зоран Љутков, е предложен досегашниот заменик-министер Седат Сулејмани.
За министер без ресор, на местото на Шабан Салиу, е предложен Ерџан Демир.

Откако премиерот Христијан Мицкоски на 30 јуни ја објави распределбата на ресори во владината реконструкција, се комплетираше сликата за новиот владин состав.
ВМРО-ДПМНЕ во реконструкцијата добива кадри кои ѝ се релативно познати на јавноста – Сашо Клековски во Министерството за здравство и Ѓоко Велковски во Министерството за социјална политика, демографија и млади.
Кандидатите за министри кои ги предлагаат Влен и ЗНАМ се помалку познати за пошироката јавност.
Претседателот на Движењето ЗНАМ, Максим Димитриевски на прес-конференција објави дека го преземаат Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а дека за министер ќе биде предложен Борче Серафимовски, актуелен државен секретар во овој ресор.
Владејачката Влен по седница на Претседателството на партијата ги потврди имињата на тројцата нови министри кои со владината реконструкција ќе застанат на чело на ресорите Правда, Односи меѓу заедниците и Култура и туризам, како Јетон Шасивари, Агон Ферати и Седат Сулејмани.
