„Јавно кажувам, дајте да најдеме начин како да го зголемиме гласањето на дијаспората. Не е битно дали тоа ќе биде електронско, дали ќе биде со писма. Дајте да најдеме начин, да најдеме некоја пракса во светот како би успеале на тие луѓе да им овозможиме правото на гласање да го остварат на поедноставен начин“, рече премиерот во вечерашното гостување во централниот „Дневник“ на телевизија Сител
Тој го повтори тврдењето дека нема амбиција да се кандидира за претседател на државата во 2029 година, но додаде дека како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе предводи уште една голема победа над СДСМ на следните парламентарни избори
Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрла тврдењата на опозицијата дека со воведувањето на можноста за електронско гласање на дијаспората на избори ќе ја отвори вратата за изборни манипулации.

Мицкоски во вечерашното гостување во централниот „Дневник“ на телевизија Сител изјави дека целта на ваквото решение во измените на Изборниот законик, кој е во собраниска процедура, е да се овозможи поголема излезеност на дијаспората. Тој ги повика СДСМ и Левица, кои се противат на ова решение, да седнат на разговори со владејачкото мнозинство и да се најде модалитет како македонските државјани што живеат во странство наједноставно да го остварат своето гласачко право.
Гласањето, како што рече премиерот, може да биде електронски или преку писма, како и дека власта е отворена уште утре да разговара за сите модалитети.
„Јавно кажувам, дајте да најдеме начин како да го зголемиме гласањето на дијаспората. Не е битно дали тоа ќе биде електронско, дали ќе биде со писма. Дајте да најдеме начин, да најдеме некоја пракса во светот за да успееме на тие луѓе да им овозможиме правото на гласање да го остварат на поедноставен начин бидејќи сега, конкретно, го давам примерот со австралискиот континент, вие треба да патувате и по 10 часа авионски за да го остварите своето право и да се вратите назад. Ретко кој ќе биде мотивиран и инспириран тоа да го прави, но доколку му овозможите преку својот паметен телефон или еве преку пошта, со писма или како било, нека се најде начин како тоа ќе се направи. Подготвени сме да седнеме да разговараме само да ја зголемиме излезеноста кај дијаспората. Ние сме подготвени повторно да преговараме“,
рече Мицкоски.
Како што додаде, има време да се направат измените на Изборниот законик и оти не е важно дали ќе ги добиеме или не парите од Европската Унија за Реформската агенда, туку е важно да имаме Изборен законик кој ќе ги вклучува и содржи во себе препораките на ОБСЕ и ОДИХР и кој ќе обезбеди поголема излезеност за време на изборите, од претседателските во 2029 година па натаму.
Поголемата излезеност на дијаспората, според премиерот, ќе обезбеди поголема комуникација меѓу татковината и македонските државјани во странство бидејќи целта, како што посочи, е да ги вратиме тие луѓе.
„Ова ќе им биде еден мост, едно чувство дека тие учествуваат во политиките во сопствената држава, во татковината од којашто поради икс причини заминале, некои засекогаш, некои привремено. Целта ни е да ги вратиме тие луѓе. Е сега, некој се одлучи да прави филибастеринг и да не го дозволи правото на дијаспората да се чувствува како да е дома“,
кажа Мицкоски.
Говорејќи во таа насока, тој додаде оти не може да прифати дека со електронското гласање може да се случи изборен грабеж, затоа што, како што кажа, не слушнал ниту еден аргумент како ќе се направи тоа.
„Ние сме земја членка на НАТО, врховен командант е претседателот на државата. Ние не би требало да влеземе во еден процес којшто во континуитет ќе рефлектира нестабилност. Или, пак, ќе се претвори во внатрешни политички претумбации или пазари и така натаму. Суштината е дека со поголема излезеност на дијаспората, ние имаме национално чувство поголемо кај нив. Има и економски аргумент. И сега ние имаме гласање на дијаспората, но само во дипломатско-конзуларните претставништва. Трошиме милиони праќајќи луѓе од тука да одат таму, да го спроведат процесот на гласање и да се вратат назад и во прв и во втор круг. Имаме многу аргументи зошто треба да го поедноставиме тој процес, а не да го усложнуваме“,
рече Мицкоски.

Тој вели дека не знае зошто се случиле најавите од СДСМ и Левица за флибастеринг на Изборниот законик иако сè било договорено.
„Едните ќе правеле 10 000 амандмани, другите ќе правеле 3 500 амандмани. Во ред, и Левица и СДСМ се борат против дијаспората. Јас не ги разбирам зошто тоа го прават. Прво, не можам да ги сфатам СДСМ зошто имаат чувството дека во 2029 г. ќе бидат опозиција, претпоставувам уште од сега мислат дека ќе ги изгубат следните парламентарни избори, иако најавуваат во нивната реторика дека ќе ме апселе мене пред да сум се врател на факултет итн. Тоа значи дека тие уште од сега велат дека во 2029 година ќе бидат опозиција и власта тогаш ќе ги намести изборите, то ест ВМРО-ДПМНЕ. Во ред, тоа можам еве да го прифатам како констатација дека тие однапред признаваат од денешна оптика дека тогаш ќе бидат опозиција. Јас тој губитнички менталитет не го разбирам, но ете, тие го имаат тој губитнички менталитет“,
изјави Мицкоски.
Тој го повтори тврдењето дека нема амбиција да се кандидира за претседател на државата во 2029 година, но додаде дека како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе предводи уште една голема победа над СДСМ на следните парламентарни избори.
„Кога ќе завршам со овој дел од мојот живот како претседател на Владата ќе се вратам на факултет кај студентите, јас никогаш не кажав кога тоа ќе се случи, дали за година, пет, десет. Ќе треба овие кои што се уплашени од мене кои што континуирано ги гледам ми претскажуваат некаков крај да се потрудат малку повеќе за тоа да трае малку пократко, а јас пак од друга страна ќе се потрудам малку повеќе за тоа трае подолго. Што подразбира тоа? Тоа подразбира дека планирам убедливо како претседател на ВМРО-ДПМНЕ да предводам кон уште една огромна парламентарна победа во која што би бил задоволен доколку успееме на тие избори да го подобриме резултатот од тој кој што го имаме пред повеќе од две години“,
изјави Мицкоски.
Во таа насока рече дека има уште многу работи да направам и за граѓаните и за државата бидејќи, како што наведе, од оваа улога на премиер може точно да види што е она кое што погрешно било направено изминатите децении.
„Граѓаните заслужуваат да биде подобро, мотивиран сум и работам како никогаш повеќе во мојот живот. Се обидувам да помогнам на секој еден на кој што можам, бидејќи јас не сум чудотворец и не можам на сите да помогнам и да правам чуда. Но, во рамките на моите можности секогаш се трудам да помогнам и нормално она кое што од мене го очекуваат граѓаните да ја спроведам правдата во рамките на моите ингеренции како претседател на Владата. Така што еве уште еднаш потврдувам дека немам амбиција да бидам претседателски кандидат“,
изјави Мицкоски.
