„Понатаму треба да постапат јавното обвинителство и судот. Сето тоа да биде соодветно споделено со јавноста и преку медиумите да бидат запознати сите оние што во иднина повторно ќе се дрзнат да направат вакво насилство дека за сите следува санкција, дека за нивните родители ќе следува санкција“, вели министерот

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вели дека веќе се преземени законски дејствија во врска со случајот со меѓуврсничко насилство во скопски Аеродром, кога малолетничка беше физички нападната од свои врсници. Тој додава дека се подготвуваат соодветни кривични пријави – не само за насилниците, туку и за нивните родители.
Тошковски вели дека на разговор биле повикани сите инволвирани страни. Прво бил остварен разговор со жртвата и нејзиниот родител, а извршени се и потребните медицински прегледи за констатирање на повредите. На разговор биле повикани и директните извршители на насилството, сведоците на настанот, како и децата што го снимале инцидентот, заедно со нивните родители.
Министерот додава и дека е известен надлежен јавен обвинител, по чии насоки уште денеска се поднесуваат кривични пријави за насилство и за малтретирање и запуштање малолетно лице.
„Со тоа ние ќе си ја сработиме работата како МВР, но очигледно она што го работи Министерството не е доволно. Понатаму треба да постапат јавното обвинителство и судот и сето тоа да биде соодветно споделено со јавноста и преку медиумите да бидат запознати сите оние што во иднина повторно ќе се дрзнат да направат вакво насилство дека за сите следува санкција, дека за нивните родители ќе следува санкција и дека оваа држава нема да дозволи ваков тип грозоморно насилство коешто македонскиот народ и македонските граѓани имаа можност да го посведочат во текот на вчерашниот ден“,
истакна Тошковски.
Тој откри дека има разговарано со министерката за образование Весна Јаневска со цел поставување долгорочна платформа за сузбивање на меѓуврсничкото насилство.
Пред две недели била одржана и голема трибина со учество на Министерството за демографија и млади и невладиниот сектор, каде што е утврден заеднички патоказ за дејствување во делот на превенцијата во парковите, училниците и училишните дворови.
На новинарско прашање дали е потребна измена на законите за поголема кривична и материјална одговорност на родителите, министерот одговори позитивно и најави дека доколку експертите и професорите од фелата ја потврдат таквата потреба МВР веднаш ќе поддржи законски измени во Собранието.
Прашан за можноста за враќање на позорникарите или маалските полицајци, Тошковски појасни дека МВР во моментов брои 11 650 вработени, бројка која е физички недоволна за да ја покријат целата територија.
„Со денешниве технологии многу е тешко да се скрие насилство, особено на јавен простор. Дали треба во иднина да го зголемиме бројот на камери што би ги имале низ градовите во Македонија? Треба. И да, работиме на тоа“,
потврди министерот.
Инаку, Тошковски денеска од Струмица во Секторот за внатрешни работи присуствуваше на промовирање на простории уредени за разговор со деца кои се во судир со законот.
Тој додаде и дека промовираните простории во СРВ Струмица, изградени со поддршка на шведската амбасада и ОБСЕ, се дел од новиот пристап. Тошковски смета дека фокусот на овој проект не е само во градењето на објектите, туку во обука на полициските службеници за максимално професионален третман и заштита на малолетните жртви на насилство.
