Сите имаат средна клиничка слика со покачена температура, мачнини, дијареја, болки во стомакот. Засега никој не е хоспитализиран, туку добиле терапија и се на домашно лекување

Четириесет и еден вработен во прилепската компанија „Микросам“ имале симптоми на труење со храна по оброкот што го консумирале во понеделникот, информираат од прилепскиот Центар за јавно здравје, од каде што додаваат дека нема хоспитализирани пациенти. Од Центарот за јавно здравје заедно со Санитарниот и здравствен инспекторат и со Агенцијата за храна и ветеринарство веќе направиле увид и вонреден надзор и во компанијата и во фирмата што вршела кетеринг-услуги и ја доставувала храната.
„Факт е дека станува збор за труење со храна. Оброкот го консумирала првата смена во компанијата во понеделникот, па потоа во текот на двата дена се појавиле симптомите“,
вели епидемиологот Татијана Станимировиќ од Центарот за јавно здравје во Прилеп.
Таа додава дека 61 вработен од првата смена биле изложени на труење, а досега 41 покажале симптоми на труење. Од нив, додава Станимировиќ, 27 побарале лекарска помош на Инфективното одделение во градската болница.
„Сите ги анкетиравме. Сите имаат средна клиничка слика со покачена температура, мачнини, дијареја, болки во стомакот. Засега никој не е хоспитализиран, туку добиле терапија и се на домашно лекување“,
објасни епидемиологот.
Во меѓувреме е затворена кујната во кетеринг-фирмата што ја доставила храната, како и трпезаријата во компанијата каде што се консумирал оброкот, а санитарниот инспекторат забрани дејност во овие објекти.
Во Центарот за јавно здравје ги чекаат резултатите за видот и начинот на труењето.
