Информациите со кои рече дека располагаат говорат оти единствениот изолиран бункер со оловни ѕидови е целосно поплавен, а дека друга таква алтернативна просторија на Клиниката нема

По вчерашното невреме во Скопје е поплавена Клиниката за онкологија и се исклучени апаратите за радиотерапија, алармираат денеска од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ).
Од партијата велат дека на Клиниката има поплава од фекалии, а вода протекувала и во просторијата каде што се прима терапија со радиоактивен јод.
„Алармираме за една исклучително сериозна ситуација која претставува директна закана по здравјето и безбедноста на пациентите и медицинскиот персонал“,
рече партиската портпаролка Богданка Кузеска на денешната прес-конференција.
Според Кузеска, не станува збор за обична дождовна вода, туку за избиена канализација.
„Ова значи дека најранливата категорија на пациенти е изложена на двоен, стравотен ризик. Радијациски ризик, поради протекување на вода во просторијата каде што се прима терапија со радиоактивен јод. И биолошки ризик од протекување на септичка, фекална вода низ клиниката“,
рече Кузеска.
Информациите со кои рече дека располагаат говорат оти единствениот изолиран бункер со оловни ѕидови е целосно поплавен, а дека друга таква алтернативна просторија на Клиниката нема.
Кузеска, посочувајќи дека радиоактивниот јод има полуживот од околу осум дена, побара одговори од менаџментот на Клиниката за онкологија и од Дирекцијата за радијациска заштита.
„Дали е реагирано навреме во оваа кризна ситуација или се дозволи хаосот да ги загрози човечките животи? Каде се физички сместени во овој момент пациентите кои веќе примиле јодна терапија? Ако единствениот безбеден бункер е поплавен, дали овие пациенти се наоѓаат меѓу други луѓе? Дали постои контаминација со радиоактивен јод надвор од предвидените зони?“,
се прашањата на кои Кузеска рече дека бараат одговори.
Според неа, треба да се одговори и дали е направена итна и темелна деконтаминација на просториите каде што престојувале овие пациенти по избивањето на поплавата и дали е загрозена безбедноста на целокупниот персонал и на стотиците пациенти кои денес транзитираат низ ходниците на Клиниката.
„Кој ќе понесе одговорност за потенцијалната биолошка контаминација предизвикана од излевањето фекални води во болничка установа каде се лекуваат имунокомпромитирани пациенти?“,
праша Кузеска.
Од партијата велат дека здравјето на пациентите и безбедноста на здравствените работници не смеат да бидат оставени на милост и немилост на застарената инфраструктура и неспособност.
„Бараме итни, прецизни и транспарентни одговори, како и преземање итна одговорност за оваа хаварија“,
кажа таа.
