Апасиев во објавата наведува дека електронското гласање на дијаспората во последен момент станало централна точка и „црвена линија“ на ВМРО-ДПМНЕ во разговорите за новиот Изборен законик
Вчера информира дека партијата поднела 3 500 амандмани во врска со измените на Изборниот законик, за кои рече дека веќе се архивираат во Собранието
Пратеникот и лидерот на партијата Левица, Димитар Апасиев, преку објава на социјалната мрежа Фејсбук реагира на преговорите за новиот Изборен законик, посочувајќи дека на последната одржана лидерска средба тема било воведувањето една изборна единица, а не електронското гласање на дијаспората.

Апасиев во објавата наведува дека електронското гласање на дијаспората во последен момент станало централна точка и „црвена линија“ на ВМРО-ДПМНЕ во разговорите за новиот Изборен законик.
„Чекај малце премиере… На лидерската средба зборевме за една изборна единица, а не за електронско гласање на дијаспората!? Кај испари тој муабет или важи само за мачкање очи пред камери?“,
напиша Апасиев на Фејсбук.
Тој вчера информира дека партијата поднела 3 500 амандмани во врска со измените на Изборниот законик, за кои рече дека веќе се архивираат во Собранието.
Обвини дека СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ прават заговор против Левица за партијата повторно да остане без државно финансирање.
Проблемот со електронското гласање на дијаспората, на кое инсистира власта, а опозицијата не попушта, според Апасиев, е тоа што се повикува на модел кој е неприменлив во македонски услови, а тоа е т.н. француски модел.
„Колку за споредба, Франција има три отсто дијаспора од вкупното население, додека Македонија има 33 отсто дијаспора, односно 10 отсто повеќе, што го прави тој модел неприфатлив. Единствено на кое ние бевме подготвени да разговараме и до каде што ги поставивме нашите црвени линии е тој модел експериментално да се примени само на претседателски избори, со оглед на тоа што тие избори се единствените кои имаат цензус согласно нашиот Устав. Меѓутоа, изгледа тука СДСМ бил ригидно против и не се постигна договор“,
рече тој.
Апасиев вели дека прашањето за електронско гласање на дијаспората во преговорите се појавило од нигде никаде бидејќи, како што вели, тоа не е препорака ниту на ИФЕС ниту на ОБСЕ/ОДИХР.
„Тоа е чист каприц на ВМРО-ДПМНЕ за да ги минира преговорите и единствен оштетен од ваквиот исход повторно да биде Левица. Очекуваме Уставниот суд на 8 јули да ја поништи оваа одредба и да треба со закон повторно да ја пополнуваме, нешто слично како со независните“,
вели Апасиев.
Опозицискиот СДСМ претходно поднесе 10 000 амандмани за измените на Изборниот законик оценувајќи дека содржат решенија кои се недемократски и отвораат простор за злоупотреба и контрола на изборниот процес.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, вчера изјави дека измените на Изборниот законик како што се сега предложени, не се ниту европски ниту демократскки, особено осврнувајќи се на делот кој предвидува дијаспората да може да гласа по електронски пат, почнувајќи од следните претседателски избори што треба да се одржат во 2029 година.
Според него, ваквата можност отвора сериозни сомнежи за регуларноста и легитимноста на изборниот процес.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера повтори дека ќе ги прифатат сите барања и забелешки што доаѓаат од опозицијата, освен нивното противење во измените на Законот да влезе можноста дијаспората на следните претседателски избори да гласа по електронски пат, на што инсистира ВМРО-ДПМНЕ.
Во таа насока беше и тврдењето на премиерот дека нема намера да се кандидира за претседател на државата бидејќи, како што рече имало шпекулации од опозициските партии дека ВМРО-ДПМНЕ ја бараа оваа измена токму од оваа причина.
