Дадените вредности за количината на врнежи се измерени на дождомерните места на УХМР, но поради локалноста и интензитетот на самите процеси, од Управата велат дека паднатата количина на воден талог многу варира. Тоа значи дека на одредени места количината на дожд може да е значително поголема од онаа што е официјално измерена на станиците

Најмногу дожд во изминатите 12 часа наврнал во скопското село Црешево, каде што се измерени 74 литри на квадратен метар, покажуваат мерењата на Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР).
Веднаш по Црешево е Гази Баба со измерени 44 литри, по што следуваат Крива Паланка со 29 и Берово со 22 литри воден талог на квадратен метар.
Од УХМР велат дека по 18 литри дожд на квадратен метар се наврнати на Зајчев Рид во Скопје и во Струмица, 15 на Попова Шапка, 13 во скопската населба Карпош, 12 во Претор, а по 11 во Ѓорче Петров и Демир Капија. Десет литри дожд на квадратен метар се наврнати во Гевгелија, девет во Кавадарци, осум во Велес, седум во скопски Петровец, пет во Тетово, и по три литри на квадратен метар во Виница, Маврови Анови и Ѓуриште.
Дадените вредности за количината на врнежи се измерени на дождомерните места на УХМР, но поради локалноста и интензитетот на самите процеси, од Управата велат дека паднатата количина на воден талог многу варира. Тоа значи дека на одредени места количината на дожд може да е значително поголема од онаа што е официјално измерена на станиците.
Од Управата информираат дека вечерва преовладува променливо облачно време, со слаб локален дожд кој во моментов е застапен само во Полошкиот Регион.
Сепак, до крајот на денот се очекува облачноста постепено да се намали. Во текот на ноќта врнежите ќе престанат и ќе преовладува претежно ведро време.
И за утре метеоролозите најавуваат променливо облачно и нестабилно време со повремен локален дожд и грмежи. На некои места се очекуваат поинтензивни процеси со пообилен пороен дожд, грмежи, засилен ветер и појава на краткотрајно невреме со град.
Слично време се прогнозира и за Скопје – променливо облачно и нестабилно со повремени врнежи од дожд, грмежи и засилен ветер.
