„Сиот овој процес кој СДСМ од почетокот го бојкотираше, а потоа и сега ќе го ‘филибастерингува’ мислиме и ни дава индиции дека е заговор против Левица од двете најголеми партии за повторно да останеме без државно финансирање. Во ваков статус кво случај, единствена која губи е Левица бидејќи остануваат непринципиелните правила на политичка дискриминација“, изјави пратеникот и лидер на Левица
Пратеникот и лидер на Левица, Димитар Апасиев, информира дека партијата поднела 3 500 амандмани во врска со измените на Изборниот законик, кои веќе се архивираат во Собранието. Тој обвини дека СДСМ и владејачката ВМРО-ДПМНЕ прават заговор против Левица за партијата повторно да остане без државно финансирање.

„Сиот овој процес кој СДСМ од почетокот го бојкотираше, а потоа и сега ќе го ‘филибастерингува’ мислиме и ни дава индиции дека е заговор против Левица од двете најголеми партии за повторно да останеме без државно финансирање. Во ваков статус кво случај, единствена која губи е Левица бидејќи остануваат непринципиелните правила на политичка дискриминација“,
изјави Апасиев на денешната прес-конференција во Собранието.
Проблемот за електронското гласање на дијаспората, на кое инсистира власта, а опозицијата не попушта, според Апасиев, е тоа што се повикува на модел кој е неприменлив во македонски услови, а тоа е т.н. француски модел.
„Колку за споредба, Франција има три отсто дијаспора од вкупното население, додека Македонија има 33 отсто дијаспора, односно 10 отсто повеќе, што го прави тој модел неприфатлив. Единствено на кое ние бевме подготвени да разговараме и до каде што ги поставивме нашите црвени линии е тој модел експериментално да се примени само на претседателски избори, со оглед на тоа што тие избори се единствените кои имаат цензус согласно нашиот Устав. Меѓутоа, изгледа тука СДСМ бил ригидно против и не се постигна договор“,
рече лидерот на Левица.
Апасиев вели дека прашањето за електронско гласање на дијаспората во преговорите се појавило од нигде никаде бидејќи, како што вели, тоа не е препорака ниту на ИФЕС ниту на ОБСЕ/ОДИХР.
„Тоа е чист каприц на ВМРО-ДПМНЕ за да ги минира преговорите и едиствен оштетен од ваквиот исход повторно да биде Левица. Очекуваме Уставниот суд на 8 јули да ја поништи оваа одредба и да треба со закон повторно да ја пополнуваме, нешто слично како со независните“,
додаде тој.
Опозицискиот СДСМ претходно поднесе 10 000 амандмани за измените на Изборниот законик оценувајќи дека содржат решенија кои се недемократски и отвораат простор за злоупотреба и контрола на изборниот процес.
