„И, на крајот, ако постои и најмал сомнеж дека нешто може да го наруши изборниот процес, зошто да брзаме? Изборите не се ниту утре ниту наесен. Тие се во 2029 година. Нека се формира експертска работна група, во која ќе учествуваат повеќе политички партии, и нека се уреди ова прашање. Нека се повлече овој член од законот, нека се работи темелно, а потоа, ако се утврди дека системот е безбеден и сигурен, повторно нека се предложи како измена на Изборниот законик“, изјави лидерот на СДСМ на денешната прес-конференција
Лидерот на опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ), Венко Филипче, попладне на прес-конференција изјави дека измените на Изборниот законик како што се сега предложени, не се ниту европски ниту демократскки, особено осврнувајќи се на делот кој предвидува дијаспората да може да гласа по електронски пат, почнувајќи од следните претседателски избори што треба да се одржат во 2029 година.

Според Филипче, ваквата можност отвора сериозни сомнежи за регуларноста и легитимноста на изборниот процес. Тој ова го кажа коментирајќи ги дел од изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој за време на посетата на општина Кисела Вода, изјави дека власта ќе ги прифати сите забелешки и барања на СДСМ и Левица во однос на Изборниот законик, освен оние што се однесуваат на делот со гласањето на дијаспората.
„Го слушнавме премиерот како рече дека би прифатил измени во поднесниот предлог за измени на Изборниот законик за сè и за сите наши забелешки и точки, освен за гласањето на дијаспората. Едноставно најспорниот момент, премиерот инсистира да остане во законот. Токму овој начин на гласање на дијаспората, кој го предлага Христијан Мицкоски, не е ниту европски ниту демократски. Гласањето на дијаспората по електронски пат се обиделе да го имплементираат многу поразвиени земји од нашата, како, на пример, Франција, и откако увиделе дека не можат да го спроведат како што треба со соодветна контрола, тие тоа го повлекле“,
рече Филипче појаснувајќи го ставот на партијата.
Аргументирајќи ја позицијата на опозициската партија, тој посочи дека граѓаните во земјава своето право на глас го остваруваат со сериозни проверки на идентитетот, преку фингерпринт, а сега, спротивно на тоа, се предлага иселениците од земјава да гласаат без никаква контрола.
„Зошто такви двојни аршини? Зошто да се доведеме во ситуација да се сомневаме дека изборниот процес бил нерегуларен“,
рече лидерот на СДСМ.
Со оваа измена на законот, со која се воведува електронско гласање за нашата дијаспора, за потенцијално стотици илјади луѓе, рече Филипче, се отвора можност за злоупотреби на изборниот процес преку контролирано гласање, односно можност едно лице да гласа во име на повеќе други лица.
Според лидерот на СДСМ, и системот да биде идеално изработен, државата може да биде изложена на ризик.
„Што доколку еден или два дена пред изборите, или на самиот ден на гласањето, електронскиот систем биде компромитиран? Како тогаш ќе бидеме сигурни дека сме имале легитимни избори? Ова се конкретни забелешки, а од премиерот не добивме одговор на ниту една од нив. Единствено инсистира оваа измена на Изборниот законик да остане и така да биде донесена во Собранието“,
рече Филипче и повтори дека ќе го блокираат носењето на овој закон, со поднесување на најавените илјадници амандмани на денешната седница на надлежната собраниска комисија.
Тој подвлече дека не може да се биде целосно сигурен дека системот за електронско гласање ќе биде безбеден и додаде дека тоа е материја што мора детално да се уреди со закон.
„И, на крајот, ако постои и најмал сомнеж дека нешто може да го наруши изборниот процес, зошто да брзаме? Изборите не се ниту утре, ниту наесен. Тие се во 2029 година. Нека се формира експертска работна група, во која ќе учествуваат повеќе политички партии, и нека се уреди ова прашање. Нека се повлече овој член од законот, нека се работи темелно, а потоа, ако се утврди дека системот е безбеден и сигурен, повторно нека се предложи како измена на Изборниот законик. Зошто дијаспората, односно нашите сограѓани во странство, да гласаат на начин за кој утре може да се отвори сомнеж дали бил законски, дали бил злоупотребен и дали изборите биле легитимни? Зошто нашите сограѓани да бидат изложени на таков ризик? Зошто утре некој да им каже дека биле дел од нелегитимно спроведени избори? Нема никаква потреба од тоа“,
изјави Филипче.
Тој додаде дека сите што имаат македонско државјанство и македонски пасош треба да имаат право на глас, но дополни дека смета оти забелешките што ги изнел се легитимни.
Во однос на владината реконструкција, претседателот на СДСМ изјави дека ги чуле имињата на министрите, но, како што рече, повторно ги слушнале истите ветувања, поради што од оваа влада, вели, „не може да се очекува ништо“.
Премиерот Христијан Мицкоски денеска, одговарајќи на новинарски прашања за време на посета на скопската општина Кисела Вода, повтори дека ќе ги прифатат сите барања и забелешки што доаѓаат од опозицијата, освен нивното противење во измените на Законот да влезе можноста дијаспората на следните претседателски избори да гласа по електронски пат, на што инсистира ВМРО-ДПМНЕ.
Во таа насока беше и тврдењето на премиерот дека нема намера да се кандидира за претседател на државата бидејќи, како што рече имало шпекулации од опозициските партии дека ВМРО-ДПМНЕ ја бараа оваа измена токму од оваа причина.
„Прво, немам намера да се кандидирам во 2029 година за претседател на државата. Кога ќе ми заврши мандатот како претседател на Владата, се враќам на факултет. Второ, кога зборувам за прифаќање на нивните предлози, сè што ќе предложат, ќе им прифатиме, освен гласањето на дијаспората и, трето, мораме сите заеднички, бидејќи сите го правевме, да се потпишеме како поднесок на истиот тој закон“,
изјави Мицкоски.
