Градоначалникот на Карпош ги демантира наводите дека се откажал од градоначалничката функција, оценувајќи дека само оние што не го познаваат доволно би поверувале во тоа
Градоначалникот на Општина Карпош, Сотир Луковски, денеска објави дека им се враќа на работните обврски во Општината, откако речиси два месеци беше на боледување. Тој ги демантира наводите дека се откажал од градоначалничката функција, оценувајќи дека само оние што не го познаваат доволно би поверувале во тоа.

„Најодговорно сакам да ги демантирам сите шпекулации и лаги врзани за моето име, згрозен сум од начинот со кој одредени поединци и партии пробаа да дојдат до евтини политички поени на сметка на мојата состојба. Сега по божја волја се враќам со нова енергија, со уште поголема посветеност и со јасна цел – да продолжам да работам одговорно, чесно и посветено, во интерес на граѓаните и развојот на нашата општина“,
напиша Лукровски во објава на Фејсбук.
Градоначалникот додава дека изминатиот период за него бил големо искушение и оти бил соочен со здравствен предизвик кој го натерал да сфати дека вистинската сила не е да паднеш, туку да најдеш сила повторно да станеш.
„Со голема благодарност и искрена радост, повторно се враќам на своето работно место. Ова враќање за мене не претставува само продолжување на професионалните обврски, туку и лична победа над здравствените предизвици со кои се соочив во изминатиот период. Во ова искуство научив дека со трпение, истрајност, верба и поддршка, дури и најтешките битки можат да се добијат. Животот е борба исполнета со предизвици, но не затоа што е против нас, туку затоа што секој предизвик нè принудува да растеме, да учиме и да станеме посилни“,
пишува Лукровски на Фејсбук.
Тој му заблагодари на премиерот Хрисијан Мицкоски за поддршката во изминатиот период, а благодарност упати и до својот тим, вработените и советниците во Општина Карпош, како и до заменик-градоначалникот.
На почетокот на мај годинава Општина Карпош ги демантираше наводите дека градоначалникот Сотир Лукровски поднел оставка од функцијата, информирајќи дека тој е привремено отсутен поради здравствени причини. Оттаму соопштија и дека неговите надлежности привремено ќе ги извршува членот на Советот, Неделчо Крстевски.
