Единствено барање од кое власта не отстапува, додаде премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, е да се овозможи од следните претседателски избори дијаспората да гласа по електронски пат – прво затоа што изборот за претседател е поврзан со цензус, а второ бидејќи финансиски не е исплатливо испраќање претставници во Дипломатско-конзуларните претставништва кои треба да бидат во улога на изборна комисија
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ ги прифатила сите барања на опозициската Левица во врска со измените на Изборниот законик, вклучувајќи го и барањето за финансирање на политичките партии во предизборната кампања. Власта, како што кажа, е подготвена да прифати и две од барањата на СДСМ, но не отстапува од електронското гласање на дијаспората, кое предлага да започне од следните претседателски избори.

Мицкоски ја обвини Левица за непринципиелно однесување и калкулации на кои, како што рече, по правило им се приклучува СДСМ, со обид преку филибастеринг да го блокира носењето на Изборниот законик.
„Сè беше договорено, сè беше потврдено, практично сите нивни барања беа вклучени во рамките на самиот Изборен законик, а особено кога станува збор за Левица. Дента кога требаше да се потпише предлогот и да се достави до пратениците, ставот на партијата беше дека тие нема да се потпишат, дека нема да го бојкотираат, но дека тие нема да се потпишат. Сè што бараа беше прифатено. Не може пред јавноста да се однесуваме и да глумиме дека ова си го договориле другите партии. Тоа е политички некоректно, не е морално, не е етички и на крајот од денот не е цивилизирано“,
рече Мицкоски додавајќи дека претставниците на Левица уште на лидерската средба се согласиле да учествуваат во изготвувањето на измените на ИЗ.
Премиерот вели дека се подготвени да прифатат две од барањата на опозицискиот СДСМ.
„Прва работа е начинот на гласање. Да не се заокружувала бројката, да се заокружувало името. Во ред. Нека поднесат амандман, веднаш ќе им го прифатиме, ако тоа е проблемот. Тоа не е наше барање, така што ние не подготвуваме изборен грабеж, има таму записници од состаноците, можат да прочитаат од записниците чие барање е. Во делот на постизборната жалба од страна на набљудувачите и овластените претставници, еве нека поднесат амандман, уште утре ќе им го прифатиме. И тоа не е наше барање, има и за тоа записници“,
изјави тој.
Единствено барање од кое власта не отстапува, додаде премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, е да се овозможи од следните претседателски избори дијаспората да гласа по електронски пат – прво затоа што изборот за претседател е поврзан со цензус, а второ бидејќи финансиски не е исплатливо испраќање претставници во Дипломатско-конзуларните претставништва кои треба да бидат во улога на изборна комисија.
„Нашата цел беше да ги намалиме тие трошоци, да ѝ овозможиме на дијаспората електронски да гласа во ера на вештачка интелигенција, кога имаме десетици такви примери во демократските земји во светот“,
изјави Мицкоски.
