„ЗНАМ 2.0“, според Социјалдеморатската младина на Македонија, подмладокот на СДСМ, треба да се случи в среда (1 јули) во скопски хотел, каде што е предвидено да се одржи настан насловен „Разговори за иднината во 12:05“, кој ќе се однесува на младите
Според Петар Огњеновиќ од СДММ, настанот ќе се одржува зад затворени врати, а учесниците на него се непознати. Тој го повтори тврдењето на социјалдемократите дека Мицкоски сака предвремени избори за да го сокрие економскиот колапс и да си обезбеди уште неколку години на власт за нови задолжувања на државата
Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија тврди дека ВМРО-ДПМНЕ планира да создаде нов „сателит-субјект“, што тие го нарекуваат „ЗНАМ 2.0“, чија цел ќе биде да ги раздели гласовите на опозицијата на следните избори, како што тоа го направи Движењето ЗНАМ пред последните парламентарни избори во 2024 година.

„ЗНАМ 2.0“, според Социјалдемократската младина на Македонија, подмладокот на СДСМ, треба да се случи в среда (1 јули) во скопски хотел, каде што е предвидено да се одржи настан насловен „Разговори за иднината во 12:05“, а кој ќе се однесува на младите.
Петар Огњеновиќ од СДММ денеска, на прес-конфренеција пред хотелот каде што треба да се одржи настанот, изјави дека според нив не станува збор за разговори за иднината на младите, туку за обид на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и премиер Христијан Мицкоски да создаде „нов сателит“ што ќе му послужи за ситнење на гласовите на опозицијата.
Како што наведе Огњеновиќ, настанот ќе се одржува зад затворени врати, а учесниците на него се непознати.
„Мицкоски им обезбеди сè, и утре ќе собира луѓе зад затворени врати, под Chatham House Rule, да разговараат за ‘иднината на Македонија’. Прашуваме: Кои се тие луѓе кои треба да одлучуваат за нашата иднина во тајност? Зошто е потребно сè да остане зад затворени врати ако наводно се работи за отворена дебата за иднината на сите нас? Зошто се користи ова правило на затворени врати, кое потекнува од Велика Британија? Зошто учесниците се кријат, а зборуваат за нашата иднина и за нашите животи?“,
прашуваат од СДММ.
Според нив, тоа е случај затоа што премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ сè прави зад затворени врати, додека младите од друга страна се тие кои се соочуваат со последиците од неговото владеење.
„Така ги договараат своите шеми, криминални тендери и ја користат политичката моќ за лични и партиски интереси – зад затворени врати. Ние сме иднината на Македонија. Нашите врати се отворени. Ние сме младите кои секојдневно се соочуваме со последиците од неговото владеење. Ние сме оние кои се иселуваат затоа што Мицкоски за само две години ја доведе државата до економски колапс и ја изолира од Европа. Ние сме оние чии родители и баби и дедовци сега се загрозени затоа што во буџетот нема пари ниту плати, ниту за младите, а ниту за пензии“,
рече Огњеновиќ.
Тој го повтори тврдењето на социјалдемократите дека Мицкоски сака предвремени избори, за да го сокрие економскиот колапс и да си обезбеди уште неколку години на власт за нови задолжувања на државата.
„Мицкоски сака предвремени избори не затоа што му е грижа за граѓаните, туку затоа што сака да го скрие економскиот колапс и да си обезбеди уште неколку години за кражба преку нови задолжувања кои ќе ги враќаат и нашите деца и внуци. Ние нема да дозволиме Мицкоски повторно да ги дели гласовите. Нема да дозволиме некој зад затворени врати да крои наша иднина додека ние плаќаме цена за неговите политики. Нема да дозволиме да се создаде уште еден вештачки проект чија единствена цел е да го одржи на власт ВМРО-ОКГ“,
рече Огњеновиќ.
Од СДММ порачаа дека, според нив, единствената реална конструктивна и принципиелна опозициска опција денес е „Фронтот за вистина и правда“ предводен од СДСМ, чии врати, рече Огњеновиќ, се отворени за сите што се борат за вистината, демократијата, правото и правдата.
Од друга страна, од СДММ велат дека сите проекти на Мицкоски завршуваат со измама, поделби и со уназадување, што како млади тие нема да го дозволат.
Изминатите денови од СДСМ тврдат дека актуелниот партнер во власта – Движењето ЗНАМ е во распаѓање бидејќи на партијата ѝ завршила функцијата за која била вештачки создадена, а тоа е да го ослабне СДСМ и да обезбеди гласови за ВМРО-ДПМНЕ и за нејзиниот лидер Христијан Мицкоски.
Затоа, велат од СДСМ, Христијан Мицкоски работи на создавање нов сателит – „ЗНАМ 2.0“, кој треба да ја одигра истата улога како ЗНАМ на парламентарните избори пред две години.
