„Тие (САД и Иран) се согласија да продолжат со техничките разговори во однос на сите делови од меморандумот за разбирање. Двете страни засега ќе се повлечат и бродовите (во Ормускиот Теснец н.з.) ќе можат слободно да се движат“, изјавил американски функционер
Засега не е познат ставот на Техеран во врска со наводите кои доаѓаат од страна на извори од американската администрација
Иран и Соединетите Американски Држави (САД) постигнале договор за прекин на последниот бран меѓусебни судири во Персискиот Залив и да ги продолжат разговорите согласно меморандумот за разбирање што неодамна го потпишаа двете страни, потврдил американски функционер за неколку светски медиуми.

Веста за постигната согласност за прекин на непријателствата, како што наведуваат медиумите, ги зголемува надежите дека привремениот мировен договор меѓу Вашингтон и Техеран може да опстане и покрај меѓусебните вооружени судири во последните денови.
„Тие (САД и Иран) се согласија да продолжат со техничките разговори во однос на сите делови од меморандумот за разбирање. Двете страни засега ќе се повлечат и бродовите (во Ормускиот Теснец н.з.) ќе можат слободно да се движат“,
рекол американскиот функционер, осврнувајќи се на меморандумот за разбирање од 14 точки што двете страни го потпишаа на 17 јуни, а по кој Ормускиот Теснец беше отворен за транзит на бродовите.
Американскиот новински портал „Аксиос“, повикувајќи се на неименуван висок американски функционер, објави дека разговорите меѓу претставиците на Вашингтон и Техеран треба да продолжат утре (30 јуни), во главниот град на Катар, Доха.
„Одлучивме да ги запреме сите кинетички активности“,
го цитира „Аксиос“ неименуваниот извор, кој користи терминологија која генерално се однесува на воени напади.
Во меѓувреме, германската новинска агенција ДПА, исто така, повикувајќи се на висок функционер на американската администрација, објави дека Вашингтон очекува продолжување на разговорите во наредните, без да ја наведе локацијата каде тие ќе се одржат.
„Ништо не е откажано“,
изјавил функционерот за ДПА.
Засега не е познат ставот на Техеран во врска со наводите кои доаѓаат од страна на извори од американската администрација.
Претставниците на Иран и САД, според првичниот палн вчера (28 јуни) требаше да ги продолжат преговорите за ставање конечен крај на војната, но Техеран го откажа присуството, обвинувајќи го Вашингтон за кршење на договореното примирје од 60 дена со меморандумот за разбирање.
За потсетување, САД во петокот извршија напади врз ирански цели како одговор на агресија врз комерцијални бродови во Ормускиот теснец за што го обвинија Иран. Техеран веднаш возрвати со напади со дронови на локации во Заливските држави, каде САД имаат свои воени бази. Непријателствата и размената на оган продолжија и во деновите од викендот.
Во меѓувреме, Израел соопшти дека повторно извршил напади на позиции на Хезболах во јужен Либан, во кои, како што се наведува, била уништена подземна инфраструктура на милитантната група. Станува збор за втор израелски напад врз Хезболах, откако пред неколку дена беше потпишан договор за прекин на огнот со Либан.
Инаку, Техеран досега неколкупати истакна дека прекинот на нападите на Израел врз цели во Либан е еден од условите за спроведување на поширок мировен план.
