Како да го оствариме чудото на мирот? Која е моќта на поезијата? Може ли таа да нè спаси од хаосот, од пресвртите, од ужасите на војната? , рече Брасинга на традиционалното поетско претставување на лауератот на Струшките вечери на поезијата

Со врачување на највисоките фестивалски признанија и меѓународно поетско читање „Мостови“, вечер на Мостот на поезијата завршува 65. издание на Струшките вечери на поезијата.
Холандската поетеса Анеке Брасинга e добитничка на „Златниот венец“, највисокото фестивалско признание, a синоќа во црквата „Света Софија“ во Охрид имаше традиционалното поетско претставување на лауреатот.
На претставувањето присуствуваше и претседателката на Република Македонија Гордана Сиљановска-Давкова.
Пригодна реч за Брасинга одржа Бас Квакман, кој 16 години бил директор на меѓународниот поетски фестивал во Ротердам. Тој ги отфрли тврдењата дека фестивалот во Ротердам е најстар, бидејќи, според него, Струшкиот фестивал е многу постар и е најдобриот фестивал во светот. Брасинга ја нарече „јазична волшебничка на холандската поезија“, а ги пренесе и изненадувањето и восхитот кога ја примила веста дека добила една од најголемите светски награди за поезија, но и возбудата што некој во Македонија превел над 150 нејзини песни на македонски и англиски јазик.
„Доделувањето на оваа награда изгледа мошне впечатливо, бидејќи Анеке Брасинга пишува на релативно мал јазик, јазик кој надвор од Холандија се говори – во малку поинакви форми – само во Фландрија, Јужна Африка и неколку острови во Карибите. Затоа, тоа што програмските автори на Струшкиот фестивал го открија и го препознаа делото на Брасинга говори многу за нивната широка, остра и мошне квалитетна визија…, Kако поетеса која започнала како преведувач, Анеке Брасинга е мошне свесна дека литературата е непрекинат разговор со другите јазични подрачја и со другите генерации. Тоа го прави нејзиното дело и интертекстуално и универзално – Брасинга собира јазик од сите краишта на светот и постојано ги потсетува читателите дека слушаат повеќе од еден глас“,
рече Квакман.
За моќта на поезијата говореше лауреатката Анеке Брасинга.
„Денес, 27 јуни, бидејќи е еден од најдолгите денови во годината на оваа хемисфера, ние, собрани овде заради поезијата, имаме време за да го спасиме овој стар свет за новите генерации. И, како да го оствариме чудото на мирот? Која е моќта на поезијата? Може ли таа да нè спаси од хаосот, од пресвртите, од ужасите на војната? Се собравме во Струга за да се слушнеме како заедно ја славиме оваа недопирлива стихија, оваа невидлива супстанца која е извор на виталност во човечкиот ум. Таа може да ги нахрани другите и носи среќа и радост на слободата. Таа ќе ни овозможи да издржиме и да опстоиме. Затоа сум пресреќна што сум овде, за да ја примам и да ја дадам оваа радост. Да пишувам поезија за мене значи: да имам живот. Не преку заработување на дневното парче леб – не, не леб – туку преку тоа што ми дозволува да дишам. Небаре ставањето зборови на хартија (го нарекуваме тоа ‘чкртање’) да е вежба по преведување за внатрешното уво и внатрешното око: преработка на дополу уловени, промрморени фрагменти од нешто итно значајно, и каприциозни мозочни импулси, што лебдат како огнот на Свети Елмо, во јасни самогласки и одделни согласки, во ритмички шаблони од кои, додека ги изговарам, извира жива форма што лебди или полетува на мојот здив. Не сакам да кажам дека здивот ми е како здивот на Светиот дух, кој ‘се лебдеше над површината на водите’ во библиската Книга Битие – дишењето, за смртно битие како мене и вас, е едноставно начин да се остане жив. Опстојувањето во живот има врска со слободата. Слободата има врска со јазикот и комуникацијата, не само во онаа трансакциска смисла – ‘јас на тебе – пари, ти на мене – леб’, туку уште повеќе во симболичка смисла. Таму насилството и конкуренцијата се во мирување и таму се согласуваме да влеземе во една област на јазикот и говорот како основа, како тло за препознавање: во способноста да се биде едно, да се формира, за миг, еден збратимен дух вклучен во внатрешен дијалог. Во тој дијалог обајцата, поетот и читателот, се (за миг) совршено и (конечно) искрени и совршено еднакви“,
истакна добитничката на „Златен венец“.

Во пишувањето поезија, подвлече таа, премолчената витална сила нè поттикнува да го обликуваме и коваме јазикот во жива статуа, пород на размислувањето и интуицијата.
Освен „Златен венец“, наградата „Браќа Миладиновци“ за 2026 година за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на Струшките вечери на поезијата ќе и биде доделена на македонската поетеса Николина Андова Шопова за збирката „Во куќата“.
Признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и Струшките вечери на поезијата го доделуваат за најдобар поет-дебитант му беше врачено на Даниел Хајндс од Обединетото Кралство.
По завршување на меѓународното поетско читање „Мостови“ ќе биде прогласен и добитникот на наградата „Енхалон“.
Струшките вечери на поезијата свечено беа отворени во средата со традиционалното палење на фестивалскиот оган и садење дрвце во Паркот на поезијата во чест на лауреатот за 2026 година, поетесата Анеке Брасинга од Холандија.
