Министерот за здравство информира дека законските измени, со кои граѓаните ќе можат да се изјаснат како органодарители кај своите матични лекари, се веќе доставени во Собранието. Оцени дека парламентот испратил силна порака на единство и консензус за зајакнувањето на органодарителството бидејќи и пратениците од власта и од опозицијата ја изгласале потребата од носење на законот по скратена постапка
Јас ќе бидам првиот кој ќе се регистрира како органодарител по воведувањето на системот. Ова го изјави министерот за здравство Азир Алиу на вчерашната јавната панел-дискусија во Гостивар посветена на органодарителството на која тој ги презентира системските мерки за унапредување на органодарителството.

„Органодарителството е тема која отвора едно од најдлабоките прашања што нашето општество може да си го постави – дали во најтешкиот момент можеме да создадеме надеж за некој друг?“,
рече Алиу во обраќањето.
Панел-дискусијата се одржува откако Владата, на предлог на Министерството за здравство, минатата недела ги усвои предлог-законските измени на Законот за земање и пресадување делови од човечко тело заради лекување и ги достави во натамошна процедура во Собранието. Измените предвидуваат можност секој полнолетен граѓанин да даде изјава кај својот матичен лекар и да се определи за потенцијален дарител на органи по својата смрт.
„Секој полнолетен граѓанин ќе може кај својот матичен лекар да се произнесе дали сака да биде органодарител. Изјаснувањето ќе се врши преку нов дигитален модул во ‘Мој термин’, безбедно и со двојна верификација. Секој граѓанин ќе може во секое време да ја промени или да ја повлече својата одлука. Ова е важно од два аспекта. Прво, ќе ја почитуваме личната слобода и волја на секој човек. Второ, конечно како држава ќе знаеме колку граѓани сакаат да бидат органодарители. Кога системот ќе започне со примена, јас ќе бидам првиот што ќе се регистрира како органодарител“,
порача министерот Алиу.
Алиу информира дека предлог-законот е веќе доставен во Собранието по скратена постапка. Оцени дека пратениците испратиле силна порака на единство и консензус за зајакнувањето на органодарителството бидејќи и пратениците од власта и од опозицијата ја изгласале потребата од носење на законот по скратена постапка.
Темата за органодарителство, порача министерот на панел-дискусијата, не смее да биде тема за која првпат се разговара во болнички ходник и во мигови исполнети со трагедија, туку треба отворено и без предрасуди да се разговара дома, во семејствата, во училиштата, на факултетите, меѓу лекарите и пациентите.
„Министерството за здравство спроведува континуирана национална кампања за подигање на свесноста за органодарителството. Паралелно, се работи на вклучување на матичните лекари, училиштата, универзитетите, пациентските здруженија и верските заедници, со цел ова прашање да стане дел од зрел и информиран јавен дијалог. Истовремено, се обезбедува поддршка за трансплантациските тимови и се подготвува дигитална и правна рамка во која волјата на граѓаните ќе биде јасно изразена, безбедно евидентирана и доследно почитувана“,
изјави Алиу.
