„Недостатокот на кадар, недоволните материјални ресурси, ограничениот пристап до здравствени услуги, несоодветните услови во дел од установите и потребната континуирана обука на пресоналот не претставуваат изолирани проблеми на поединечни институции, туку системски предизвици кои бараат координиран и долгорочен институционален одговор“, изјави заменик-народната правобранителка Соња Трифуновска на денешната прес-конференција на која го презентира извештајот на Националниот превентивен механизам (НПМ) за 2025 година, што се однесува на затвори, полициски станици и психијатриска установа
Притвореници кои спијат на душеци на под, проблеми со навремена здравствена заштита, недоволна кадровска екипираност во дел од затворите, полициски станици без простории за разговор со деца, се дел од главните забелешки нотирани во извештајот на Националниот превентивен механизам (НПМ) за 2025 година, зад кој стои канцеларијата на Народниот правобранител.

Минатата година, тимовите на Омбудсманот биле во 13 ненајавени посети на казнено-поправни установи, полициски станици и психијатриска установа, а состојбите затекнати во нив се пренесени во 15. извештај на Омбудсманот, презентиран денеска. Тој покажува дека и покрај долгогодишните препораки, состојбите во дел од затворите, полициски установи и психијатриската установа во голема мера остануваат непроменети.
Според заменик-народната правобранителка Соња Трифуновска, не станува збор за изолирани проблеми на поединечни институции, туку за системски предизвици кои бараат институционален одговор.
„Недостатокот на кадар, недоволните материјални ресурси, ограничениот пристап до здравствени услуги, несоодветните услови во дел од установите и потребната континуирана обука на пресоналот не претставуваат изолирани проблеми на поединечни институции, туку системски предизвици кои бараат координиран и долгорочен институционален одговор“,
изјави Трифуновска на денешната прес-конференција.
Според извештајот, во затворот во Куманово е констатиран недостиг на вода за пиење, проблем што доведува до здравствени ризици. Притвореници, како што се нотира, биле затекнати како спијат на душеци на под, а системите за повикување на функционираат.
Во најголемата казнено-поправна установа во земјава, скопскиот затвор „Идризово“, голем проблем и понатаму останува пренатрупаноста. Поради административни проблеми, лицата кои издржуваат затворски казни таму често немаат соодветен пристап до задравствено осигурување, а во женското одделение нема редовно топла вода.
Тимот на Народниот правобранител добил поплаки од осуденици во Казнено-поправниот дом „Струга“ поради акција на Единицата за интервенции. Според извештајот, тие бил принудени два часа да стојат со раширени раце и нозе потпрени на ѕид.
Од друга страна, пак, Затворот во Охрид, каде што се сместени малолетници, се наоѓа во стар објект од 1950-тите години на минатиот век и е опкружен со станбени згради. Извештајот нотира дека осудените деца се директно изложени на погледи и дофрлања од соседите, со што грубо се нарушува нивната приватност. За време на посетата во оваа установа била измерена температура во просториите под 18 Целзиусови степени и висока влажност, што е е под сите минимални стандарди за хумано сместување.
Извештајот на Омбудсманот нотира дека дел од препораките дадени во претходните години се делумно имплементирани, но значителен број од нив остануваат нереализирани. Состојбите, како што се посочува, со години се повторуваат и немаат суштинско подобрување.
Во полициски станици и понатаму се евидентира недостиг на униформирани службеници, несоодветни услови за работа и отсуство на посебни простории за разговор со деца. Инаку, со извештајот се опфатени четири полициски станици.
„Речиси во сите посетени полициски станици беше констатиран недостиг на кадар, што претставува еден од клучните предизвици за нивното секојдневно функционирање. Дополнително, беше забележана практика на прераспоредување на полициски службеници на работни позиции и задачи за кои претходно немале работно искуство. Недостаток во полициските станици на посебно опремени простории за разговор со деца. Во најголемиот дел од посетените полициски станици такви простории не постојат, поради што разговорите со деца се спроведуваат во канцелариите на инспекторите за деца, односно за малолетничка деликвенција“,
вели заменик-народната правобранителка Трифуновска.

Извештајот нотира сериозни предупредувања и за психијатриски установи.
При контрола во Психијатриската болница „Демир Хисар“ биле добиени наоди дека одделението е претворено во место каде што завршуваат проблематични пациенти кои преку манипулативни активности избегнуваат затворски казни.
„Наместо санкцијата да биде резултат на објективно утврдување на вината и одговорноста, таа станува производ на влијание врз експертската проценка“,
се вели во извештајот, во кој се заклучува дека присуството на лица со криминален профил, кои немаат вистинска клиничка индикација за лекување, создава атмосфера на страв, заплашување и виктимизација на вистинските пациенти.
Извештајот, исто така, забележува дека психијатриската установа во „Демир Хисар“ е под сериозен притисок и поради недостаток на кадар и технички услови. Поради тоа има проблеми со бегства на пациенти, а регистрирано е и едно самоубиство.
