Програмата првично ќе биде воведена во јужниот дел на Егејското Море и на Крит, а е дел од поширок пакет мерки за поддршка на грчкото рибарство и справување со предизвиците со кои тоа се соочува
Министерството за земјоделство и рурален развој на Грција објави дека на професионалните рибари во земјата ќе им плаќа по 5,33 евра по килограм уловена риба лагоцефалус, позната како зајачка риба.

Станува збор за отровна и инвазивна тапоглава риба, која е опасна за консумација и ѝ нанесува голема штета на опремата на рибарите, но и на морскиот екосистем. Рибата содржи отров кој може да биде фатален за луѓето.
Мерката е воведена по примерот на Кипар, каде што рибарите добиваат по 4,73 евра за килограм од уловената риба. Програмата првично ќе биде воведена во јужниот дел на Егејското Море и на Крит, а е дел од поширок пакет мерки за поддршка на грчкото рибарство и справување со предизвиците со кои тоа се соочува.
Одлуката за висината на компензацијата за уловената риба беше објавена од страна на министерот за земјоделство и рурален развој Маргаритис Схинас по состанокот со претставници на организациите на рибарите.
Проблемот со т.н. зајачка риба во Грција се актуализира минатиот месец по извештаите дека кај Крит и други делови од Јужна Грција е забележано нагло зголемување на овој вид риба, кој во Медитеранот влегол преку Суецкиот Канал и се проширил кон запад и север.
