Со ова Ѓорческа стана првата македонска тенисерка која се изборила за настап во главната ждрепка на еден грен-слем тениски турнир, а до него дојде со три победи во квалификациите, од кои последната ја постигна попладнево
Извлекувањето на двојките за главниот турнир на Вимблдон е закажана за утре, кога нашата тенисерка ќе ја дознае и својата прва ривалка
Најдобрата македонска тенисерка Лина Ѓорческа денеска испиша историја успевајќи да се пласира на главниот турнир на Вимблдон откако попладнево во третото коло од квалификациите ја победи Лусија Бронцети од Италија со 2:0 во сетови (6:1 и 6:2) за 73 минути игра.

Со ова Ѓорческа стана првата македонска тенисерка која се изборила за настап во главната ждрепка на еден грен-слем тениски турнир, а до него дојде со три победи во квалификациите откако претходно беше поуспешна од Анхела Фита Болуда од Шпанија и Франциска Жорге од Португалија.
Инаку, денешната ривалка на Ѓорческа беше 20. носителка во квалификациите и 127. рангирана тенисерка на ВТА-листата, односно 96 места пред македонската тенисерка.
Првиот сет убедливо ѝ припадна на Ѓорческа со 6:1 во гемови, и покрај тоа што противничката го освои првиот гем со брејк. Но, потоа следуваше серија од шест гема за македонската тенисерка која успеа да го добие сетот за 31 минута игра.
И вториот сет почна со водство на Бронцети со 1:0, но Ѓорческа во вториот гем спаси осум брејк-топки и по 20 одиграни поени израмни на 1:1 во гемови, а потоа веднаш направи брејк за водство од 2:1, по што предноста ја зголеми на 3:1. Во следните два гема немаше брејк и Ѓорческа ја задржа предноста од два гема – 4:2. Македонската тенисерка во седмиот гем направи уште еден брејк за водство од 5:2 и во следниот гем на свој сервис само ја потврди победата за пласман на еден од најпрестижните грен-слем турнири во светот – Вимблдон.
Вчера, во второто квалификациско коло, Ѓорческа со пресврт ја совлада Франциска Жорге од Португалија со 2:1 во сетови (5:7, 6:2 и 6:1), додека на стартот беше подобра од Анхела Фита Болуда со 2:0 во сетови (6:2 и 6:4).
Извлекувањето на двојките за главниот турнир на Вимблдон е закажана за утре, кога нашата тенисерка ќе ја дознае и својата прва ривалка.
Претходно, како што потсетуваат медиумите, најголемиот успех на Ѓорческа на грен-слем турнирите беше третото квалификациско коло на Австралија опен во 2017 година.
