Сомнежот за случувањата во Основниот суд Битола, поврзани со бизнисменот Борче Марковски, не го отвори некој друг, туку највисокото тело на судската власт во земјава – Судскиот совет. За извештајот гласаа сите присутни 11 члена
Според одговорите што ги добивме од засегнатите институции, не е јасно дали се води некаква постапка за да се расчисти случајот. Судиите кои беа посочени во извештајот си ги извршуваат истите функции
Беше вест на денот кога на 9 октомври јавното обвинителство го приведе битолскиот бизнисмен и почесен конзул на Белорусија во земјава, Борче Марковски.
„Борче Марковски со години важи за највлијателен бизнисмен во Битола и регионот. Неговата компанија, основана во 2002 година, само лани остварила приходи од над 45 милиони евра.“
Пренесе ТВ 24 на 9 октомври 2025 година
Марковски и седум други лица беа осомничени за кривични дела поврзани со јавна набавка за дислокација на погонски станици од ТЕЦ „Осломеј“ во РЕК „Битола“. Иако опремата воопшто не се планирала за во Битола, бил спроведен тендер, потпишан договор во висина од околу 1,7 милиони евра, а „Марковски компани“ како добитник ги демонтирал машините од Кичево, ги донел во Битола и ги оставил немонтирани во кругот на РЕК „Битола”.

Случајот остана прва вест и следните денови, откако битолскиот суд одби да го смести Марковски во затворски и одреди куќен притвор.
„Почитувани. Срамна одлука на судот.“
изјави во октомври 2025 година Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Притвор
Дали поради притисокот од политиката, дали поради аргументите во жалбата на обвинителството, Борче Марковски на крај доби мерка затворски притвор. Веднаш после Нова Година стигна и обвинението. И, тогаш, битолскиот суд донесе одлука да го пушти од притвор во замена за мерки за претпазливост и гаранција од пет милиони евра.
Додека почесниот белоруски конзул Борче Марковски веќе е на слобода, битолскиот суд се пофали дека му зел гаранција три пати повисока од она за што се товари.
Пренесе ТВ Телма на 23 јануари 2026 година.
Овојпат, ниту обвинителството ниту некој друг успеа да го поколеба судот.
Судење
Борче Марковски на слобода го дочека прифаќањето на обвинението против него. На слобода го дочека и стартот на судскиот процес кој се одвива во Основниот суд во Струга. Првото рочиште требаше да се одржи вчера.
„Причина за одложувањето е тоа што еден од обвинетите има ангажирано нов бранител поради повреда на претходно ангажираниот бранител, односно фрактура на екстремитет.“
известија од Основниот суд во Струга, на прашањата на „360 степени“.
Следното рочиште е закажано во септември.

На Марковски, како што рековме, му се суди во Струга. Но неговиот случај предизвика големи бранување и овде – во Скопје, во Судскиот совет. Кој слушна, кој не слушна, но судската влада направи извештај со кој се отвори сомнеж дека се местел советот во битолскиот суд кој на крај го пушти Марковски од притвор. Поголемата вест е што и покрај таквиот заклучок, се си продолжува по старо.
Сомнежи за советот
Контролата во битолскиот суд ја правеа три членки на Судскиот совет – Павлина Црвенковска, Данка Ристова и Сузана Јошевска-Анастасовска. Ги анализирале сите предлози за мерки за осомничените во предметот во кој е осомничен и Борче Марковски. Само за него, кога требало да се одлучува по жалба за укинување на притворот, се случила следната околност:

„Судијата која била претседател на советот го составила советот дури на 16.1.2026 година, односно 23 дена откако предметот и бил даден на работа, иако предметот е итен со оглед на тоа што се бара укинување на мерката притвор“,
кажа членката на Судскиот совет Сузана Јошевска-Анастасовска на седницата одржана на 11 март 2026 година.
Зошто советот не бил составен порано? Една судијка била изземена бидејќи постапувала во претходна постапка.
„Но, малку за работната група беше интересен фактот дека таа сепак постапувала во овој ист предмет за друго барање на 12.1, па чудно е како можела да постапува во КС на 12.1, а на 16.1 не можела да постапува“,
дополни Јошевска-Анастасовска.
Друг судија, пак, бил исклучен од АКМИС системот на 5 јануари бидејќи побарал одмор. Иако, барал одморот да му почне една недела подоцна.
„Не е јасно зошто е исклучен од АКМИОСТ на 5-ти кога 8 и 9 биле работни, бил на работа и можел да биде дел од советот“,
продолжи членката на Судскиот совет.
Така, советот бил комплетиран со еден граѓански судија, а последниот член била претседателката на судот којa на денот на одлуката се вратила од одмор.
„Постои оправдан простор за загриженост дека одредени дејствија на судии во Основниот суд Битола можеби се извршени на начин кој би укажал на нестручно и несовесно постапување и ваквите околности потенцијално можат да го загрозат начелото на правично судење како и јавната доверба во судскиот систем“,
го заврши реферирањето членката на Судскиот совет, Сузана Јошевска-Анастасовска.
Ниту еден член на Судскиот совет не гласаше против ваквиот заклучок.

Што (не) се смени
Од оваа седница на Судскиот совет поминаа три месеци. Па, по ред, се обративме кај сите институции инволвирани во предметот. Прво, во Судскиот совет прашавме: Дали се поведени постапки? Во која фаза се, ако се поведени? Ако нема постапки, дали и како ќе се санкционира постапувањето на судот? Ова е целосниот одговор:
„Постапките за утврдување на одговорност се од доверлив карактер, се водат без присуство на јавноста заради почитување на угледот и достоинството на судијата/претседателот на судот“,
ни одговорија од Судскиот совет.
Се обративме и до Јавното обвинителство, имајќи во предвид дека реферирањето за извештајот беше јавно и пренесено во дел од медиумите. Таму прашавме – дали имаат преземено формални чекори во врска со постапувањето на битолскиот суд и ако да, какви?

„Заради доверливост на постапката, Јавното обвинителство не е во можност да открива дали истражува одреден случај или лице додека не потврди основаност на сомненија дека е сторено кривично дело. Сите информации кои упатуваат на елементи на кривично дело се предмет на постапување на јавните обвинителства. Извештајот на Судскиот совет до овој момент не е доставен до обвинителството“,
одговорија од Јавното обвинителство.
Став за извештајот на Судскиот совет и наодите во него, побаравме и од повиканиот – Основниот суд во Битола. Ова е интегралниот одговор оттаму:

„Извештајот на работната група на Судскиот совет… не е доставен до Основниот суд Битола, поради што не можеме да се произнесеме по однос на истиот. Во секој случај, советот од член 25, став 5 од Законот за кривичната постапка, постапуваше стручно и совесно, а согласно Уставот, законите и меѓународните ратификувани договори.“
Доколку се чита меѓу редови, некои од одговорите на институциите како да сугерираат дека за случајот се постапува. До каде ќе се стигне и ќе одговара ли некој – не може да се прочита ниту меѓу редови.
