Директорот на ФЗО се осврна и околу препишување на „клексан“ кај бремените жени, нагласувајќи дека оваа појава кај нас станала преширока пракса која не соодветствува со индикациите

Од јули годинава граѓаните ќе можат на позитивна листа во аптеките да ги набавуваат лековите против згрутчување на крвта „клексан“ и „фраксипарин“, како и уште еден дополнителен медикамент од оваа група. Ова денеска на брифинг со новинарите го соопшти генералниот директор на Фондот за здравствено осигурување (ФЗО), Сашо Клековски.
Новите лекови што влегуваат на позитивната листа се од типот антикоагуланти и се наменети за неколку критични категории на пациенти – од акутни и постоперативни состојби до постари пациенти.
„Генерално, за неколку различни популации. Да кажеме од акутни случаи, постоперативно, за спречување на коагулации после тешки интервенции. На пример после замена на колк, се користат кај повозрасната популација со срцеви проблеми“,
рече Клековски.
Директорот на ФЗО се осврна и околу препишување на „клексан“ кај бремените жени, нагласувајќи дека оваа појава кај нас станала преширока пракса која не соодветствува со медицинските индикации.
Клековски појасни дека во официјалните индикации одобрени од „Малмед“, никаде не пишува дека „клексан“ треба да го земаат бремените жени сами по себе, туку исклучиво оние со точно утврдени, специфични медицински индикации.
Прашан зошто на речиси секоја жена со ин-витро оплодување ѝ се препишува оваа терапија, директорот најави итни институционални чекори.
„Кај патолошките бремености, сега планираме специјален состанок со Клиниката за гинекологија и акушерство (ГАК), комплетно е нејасно врз основа на што тие одлучуваат дека една бременост е патолошка. Две третини од бременостите се веќе патолошки, што е ненормално. Мислам, не може две третини да е патологија“,
рече Клековски.
Тој говореше за приоритетите на Фондот како поголема контрола на масовната потрошувачка со рецепт, правење простор за воведување на новите, поскапи лекови, да се воведе современа терапија, и борба против измамите, кога се во прашање лековите.
