Претседателите на парламентите на С Македонија и на Бугарија се согласиле дека во иднина треба да се стави поголем акцент на размената на парламентарната експертиза и споделувањето на искуствата на Софија како во врска со надзорот на законодавството и парламентарната транспарентност, така и преку истражување на можностите за парламентарна поддршка и размена на искуства во врска со реформите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ
Потребни се почести средби за унапредување на парламентарната соработка и размена на на мислења и искуства во однос на европското искуство на Бугарија кон членство во Европската Унија. На ова се согласиле собранискиот спикер Африм Гаши и претседателката на Народното Собрание на Бугарија, Михаела Доцова, кои одржаа средба на маргините на 13. Пленарна сесија на Парламентарното собрание на ПСЈИЕ што се одржува во Софија.

Гаши и Доцова се согласиле дека во иднина треба да се стави поголем акцент на размената на парламентарната експертиза и споделувањето на искуствата на Бугарија како во врска со надзорот на законодавството и парламентарната транспарентност, така и преку истражување на можностите за парламентарна поддршка и размена на искуства во врска со реформите поврзани со процесот на интеграција во ЕУ.
„Соговорниците се согласни и околу забрзаната реализација на транспортните и енергетски проекти, кои имаат споделено стратешко значење за двете држави, регионот, НАТО и ЕУ, со посебен акцент на Коридорот 8“,
соопштија од собраниската прес-служба.
Собранискиот спикер Африм Гаши истакнал дека продолжувањето на дијалогот на парламентарно ниво е неопходно и особено важно имајќи ја предвид конструктивната улога на парламентарната дипломатија во јакнењето на довербата и разбирањето меѓу земјите. Во таа смисла, укажал дека двата парламенти може да обезбедат дополнителни канали на комуникација преку парламентарните групи за пријателство и соработка и преку различните парламентарни комисии во рамки на двата законодавни дома.
„Гаши ја искажа нашата посветеност на добрососедските односи, европските вредности и регионалната стабилност при што констатира дека моделот на градење наративи со фокусирање кон минатото и историјата се покажал како предизвик што ги оптоварува односите и несомнено треба да се разговара за други развојни теми“,
информираат од собраниската прес-служба.
Претседателката на Народното собрание на Бугарија, Михаела Доцова, пак, истакнала дека особено треба да се посвети поголемо значење на промовирање на дијалогот за активностите што влијаат на прекуграничната соработка меѓу двете држави, инфраструктурата, трговијата, образованието и заштитата на животната средина.
