Целта на споредбената анализа што ќе ја вршат пазарните инспектори на цените на производите, како што посочи премиерот, е да се види каде точно се креира зголемувањето на цените на основните прехранбени производи
Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе прави споредба на цените на основните прехранбени производи по кои добавувачите им ги продавале на трговците и цените по кои истите производи трговците им ги продавале на потрошувачите во мај годинава, споредено со истиот месец лани.

Ова денеска го најави премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања во врска со средбата што вчера ја оствари со претставници на најголемите маркети во државата на која разговарале за справување со инфлацијата и растот на цените на основните прехранбени производи.
Како што претходно денеска објави на социјалните мрежи, Мицкоски повтори дека на вчерашната средба, меѓу другото, било договорено годишната стапка на промена на цените на основните пехранбени производи во јули годинава да не биде поголема од три проценти, односно да биде под три отсто. Најави дека освен со трговците, ваква средба наскоро ќе оствари и со производителите, дистрибутерите и добавувачите.
„На состанокот ги анализиравме ефектите од кризата и дефиниравме цели кои треба заеднички да ги исполниме. Една од тие е во јули годишната стапка на промена на цените на основните прехранбени производи да не биде поголема од три проценти. Се сложивме сите. Да речеме дека во мај беше 4,5-4,7 отсто. Ако тоа се спореди со соседството – Грција е над 5 проценти, Бугарија е над 6 проценти, Романија е над 8 проценти, истото е и со Косово, Хрватска итн. Нешто помала, помеѓу 3-4, е во Србија и Албанија. Нашата цел е во јули да почнеме со под три проценти годишна промена на цените на основните прехранбени производи бидејќи граѓаните мора да добијат најдобра услуга и најдобри производи по оптимално најниски цени“,
изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања.
Целта на споредбената анализа што ќе ја вршат пазарните инспектори на цените на производите, додаде тој, е да се види каде точно се креира зголемувањето на цените на основните прехранбени производи.
На новинарско прашање дали се сомнева на злоупотреби од страна на трговците, Мицкоски вели:
„Јас сум следбеник на онаа американската ‘Верувај, но проверувај’“.
