„Во наредниот период ќе следат средби и со добавувачите и производителите, со цел заеднички да придонесеме годишната инфлација и цените на основните производи во јули да останат под 3 проценти“, пишува премиерот во објава на Фејсбук по вчерашната средба со претставници на најголемите маркети во државата
Премиерот Христијан Мицкоски во објава на социјалните мрежи информира дека во текот на вчерашниот ден била одржана средба со претставници на најголемите маркети во државата, најавувајќи дека во наредниот период ќе има состаноци и со добавувачите и производителите.

Средбите се во насока на справување со инфлацијата и растот на цените на основните прехранбени производи. Целта, како што наведува премиерот во објавата, е заеднички да се придонесе годишната инфлација и цените на основните производи во јули да останат под три проценти.
„Во текот на вчерашниот ден беше одржана работна средба со претставници на најголемите маркети во државата, посветена на справување со инфлацијата и растот на цените на основните прехранбени производи. Во наредниот период ќе следат средби и со добавувачите и производителите, со цел заеднички да придонесеме годишната инфлација и цените на основните производи во јули да останат под 3 проценти“,
пишува премиерот во објавата на Фејсбук.
Во неа тој додава дека Владата останува посветена на мерки што го штитат животниот стандард и обезбедуваат поголема сигурност за граѓаните.

Вчера, одговарајќи на новинарски прашања, Мицкоски ја најави средбата со претставници на маркетите и рече дека неговата порака ќе биде јасна, односно дека кризата завршува и граѓаните биле толерантни, поради што сега, како што кажа, е ред на трговците да им се оддолжат на граѓаните и веднаш да ги намалат цените на производите, особено на основните прехранбени производи.
Доколку не го сторат тоа, премиерот рече дека владата ќе ги искористи механизмите што ѝ стојат на располагање за намалување на цените на производите.
