Според извештајот на ЦУК, активни се пожарите во Општина Радовиш кај селото Калаузлија каде гори старо дрво, во Општина Гевгелија помеѓу селата Стојаково и Богданци гори стрниште, а ниска вегетација гори во Општина Василево кај селото Добрашинци

Регистрирани се вкупно 13 пожари на отворен простор до 18 часот, соопштуваат од Центарот за управување со кризи (ЦУК). Од нив, во моментов три пожари се сè уште активни, додека преостанатите 10 се целосно изгаснати од страна на противпожарните екипи.
Според извештајот на ЦУК, активни се пожарите во Општина Радовиш кај селото Калаузлија каде гори старо дрво, во Општина Гевгелија помеѓу селата Стојаково и Богданци гори стрниште, а ниска вегетација гори во Општина Василево кај селото Добрашинци.
Од ЦУК велат дека изгаснат е пожарот во Општина Сарај на потегот помеѓу селата Грчец и Шишево, каде гореше ниска вегетација и мешана шума, а кој беше активен и попладнево.
Во текот на денот се целосно изгаснати пожарите во неколку општини. Во Скопскиот Регион локализирани се три пожари – во Општина Шуто Оризари на улицата „Индира Ганди“ и во населбата Визбегово, во Општина Карпош кај Железничкиот мост кон Злокуќани, како и во Општина Петровец кај селото Огњанци.
Во Кичево, додаваат од ЦУК, изгаснати се два пожари – кај селото Премка и на улицата „Методија Стефаноски“, каде горела ниска вегетација и стрниште.
Во Куманово изгаснат е пожар на отворен простор во месноста „Пармакови Ниви“.
Од ЦУК велат дека целосно се изгаснати и пожарите кај селото Црвени Брегови во Општина Неготино и кај селото Дорфулија во Општина Лозово.
