Американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс ги оцени мировните разговори како пресвртница и можност за нов почеток помеѓу Иран и САД, додека пак Техеран условува оти конечен мировен договор не може да се постигне додека не запрат израелските напади во Либан
Денешните разговори помеѓу делегациите на САД и Иран во Швајцарија се историска пресвртница, оти двете страни имаат можност да изберат нов почеток во односите или пак да се навратат на старите конфликти, изјави денеска американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс.
Преговорите кои се одвиваат со активно посредништво на Катар и Пакистан треба да овозможат директно решавање на проблемите помеѓу двете земји, а во пресрет на средбата Венс имаше разговори со пакистанскиот премиер Шехбаз Шариф и началникот на армијата Асим Муунир кои посредуваат помеѓу Вашингтон и Техеран од почетокот на војната. Паралелно, средба со пакистанскиот премиер остварија и претставниците на иранската делегација, претседателот на парламентот Мохамед Багер Галибав и министерот за надворешни работи Абас Арагчи.

Додека во Швајцарија траат разговорите, американскиот претседател Доналд Трамп на социјалната мрежа „Трут Соушал“ се закани на Иран оти доколку не ги запрат активностите на нивните сојузници во Либан, милитантската група Хезболах, САД ќе возвратат со уште посилни воени напади од оние кои беа изведени во текот на минатата недела.
„Иран мора веднаш да ги запре своите скапо платени сојузници во Либан кои предизвикуваат проблеми. Ако не го сторат тоа, ние повторно ќе го удриме Иран многу силно, исто како што направивме минатата недела, само посилно!!!“,
напиша тој.
Од друга страна, иранскиот портпарол за надворешни работи, Есмаил Багаи, го обвини Израел за кршење на обврските и најави дека тоа е главната тема на дискусијата и рече оти Техеран нема да влезе во фазата на преговори за конечен договор со Вашингтон сè додека не завршат непријателствата во Либан.
Израелскиот министер за одбрана Израел Кац порача дека израелската армија ќе продолжи да дејствува без никакви ограничувања со цел елиминирање на заканите и потврди дека израелските сили ќе останат позиционирани во јужниот дел на Либан, територија која Израел сега ја третира како своја безбедносна зона.
