Иранската Револуционерна гарда објави оти каналот е затворен за бродски сообраќај бидејќи како што велат, САД и Израел го прекршиле Меморандумот по денешните воздушни напади врз јужниот дел на Либан
Два дена по најавите оти поморскиот сообраќај ќе биде нормализиран, Иран денеска повторно го затвори Ормускиот Теснец за сообраќај на комерцијални бродови. Иранската револуционерна гарда (ИРГЦ) соопшти дека овој потег е директен одговор на континуираните прекршувања на договорот за прекин на огнот од страна на Соединетите Американски Држави и Израел откако денеска, израелските сили извршија воздушни напади против Хезболах во јужен Либан, нешто што според Техеран е директно прекршување на неодамна потпишаниот Меморандум за разбирање помеѓу САД и Иран.

Иранските власти порачаа дека протокот на нафта ќе остане блокиран сè додека САД не го принудат Израел да ги прекине воените дејствија во Либан.
Додека Иран тврди оти преминот е затворен, американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс тврди оти нема докази дека теснецот е затворен, а Централната команда на САД соопшти дека комерцијалниот сообраќај не само што не е запрен, туку бележи зголемување. Според нивните податоци, само денеска низ каналот безбедно поминале 55 трговски бродови кои пренесувале 17 милиони барели нафта. Претходно денеска, американскиот претседател Доналд Трамп изјави оти Иран е целосно воено поразен и ги обвини поранешните претседатели Барак Обама и Џозеф Бајден оти во времетраењето на нивните мандати воделе „меки“ политики кон Иран, нарекувајќи ја државата главен спонзор на тероризмот во светот.
