Американскиот претседател ги обвини Обама и Бајден оти во нивните мандати биле „меки“ кон Техеран, додека новиот Меморандум кој се очекува да се потпише наскоро предвидува прекин на огнот, деблокада на Ормуската Теснина и финансиско олеснување за Иран во замена за откажување од нуклеарно оружје
Иран е целосно воено поразен, порача американскиот претседател Доналд Трамп преку објава на својата социјална мрежа „Трут Соушл“, притоа критикувајќи ги поранешните претседатели Барак Обама и Џозеф Бајден за нивната, според него, „мека“ политика кон Техеран во времето кога тие биле на чело на САД.

Тој напиша оти Обама на Техеран му дал милијарди долари во готово и дека никогаш не ја искористил американската воена моќ за да го спречи најголемиот државен спонзор на тероризмот во светот.
„Тие никаква почит кон него. Мислеа дека е, како и „поспаниот“ Џо Бајден, слаб и неефикасен лидер, и беа 100 отсто во право. Иран се извлекуваше со своите „убиства“ 47 години, сè додека не се појавив јас. Потоа сè се смени“,
напиша тој.
Во меѓувреме, во јавноста беа објавени одредени детали од Меморандумот за разбирање меѓу САД и Иран, чија цел е ставање крај на војната која трае неколку месеци. Документот, кој во средата беше електронски потпишан од Трамп и иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, ги утврдува условите за прекин на огнот, повторното отворање на Ормуската Теснина и добивањето цврста гаранција од Техеран дека никогаш нема да произведува нуклеарно оружје.
За возврат, Иран ќе добие финансиска поддршка со тоа што постепено ќе бидат укинувани санкциите кои САД ги има наметнато врз земјата. Со тоа, Иран ќе може слободно да ја продава својата нафта, да добие пристап до милијарди долари претходно замрзнати средства, како и потенцијално дополнително финансирање во висина од 300 милијарди долари. Според очекувањата, двете страни би требало да го финализираат конечниот договор во рок од максимум 60 дена, а во овој период е вклучена и можност за продолжување со цел да се потврдат и прецизираат сите елементи од договорот.
