Премиерот ги повика компаниите, производителите, дистрибутерите и добавувачите да пријавуваат случаи на нефер трговски практики за државата навремено да може да интервенира
На почетокот на следната седмица премиерот Христијан Мицкоски ќе седне на маса со претставници на маркетите и дистрибутерите во државава на кој ќе се разговара за нивното однесување на пазарот. Тој рече оти ваков состанок веќе бил одржан на почетокот на кризата и рече оти законските измени се при крај за усвојување со кои казните за маркетите кои ќе се однесуваат нефер ќе бидат десеткратно зголемени.

Дополнително, најави засилени контроли на терен и инспекции за навремено да се идентификува ваков тип на однесување.
„Истовремено ги охрабрувам компаниите, дистрибутерите, добавувачите, производителите да пријавуваат нефер трговско однесување од страна на некои од маркетите, бидејќи сега се наоѓаат канали од страна преку разноразни услуги преку трети фирми да се фактурира таканаречен ројалити, што не е фер трговско однесување. Јас ги охрабрувам сите дистрибутери и производители тоа да го пријават за да можеме како држава да делуваме. Инаку не можеме да делуваме, затоа што кога ќе направите инспекција и кога ќе ги видите сметководствените книги, ќе видите дека сѐ е во ред, а преку трети и четврти прокси канали се наплаќа тој ројалити“,
кажа тој.
Премиерот рече и оти земјава има една од најниските инфлации во регионот, а очекувањата се оти ќе следува стабилизирање на состојбата по смирувањето на кризата на Блискиот Исток, но и по најавените состаноци со компаниите. За споредба користеше земји од регионот како Грција за која рече оти има над пет проценти инфлација, Бугарија над шест отсто, а Романија е близу двоцифрен број.
„Истото е и во Косово и Хрватска, нешто пониска меѓу три и четири проценти имаат Албанија и Србија, така што ние сме меѓу најниските во регионот. Европа е меѓу три и четири проценти. Ние сме меѓу четири и пол и 4,7 проценти, така што очекувам со смирување на кризата и после овие интензивни состаноци и акции што ќе ги имаме, да дојде до релативно нормализирање и да се спуштиме во услови на посткриза под четири проценти“,
заклучи тој.
