Според него, бензините се очекува да поевтинат за околу четири денари по литар, а намалувањето кај дизелот да биде за околу седум денари по литар

Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека очекува сериозно стабилизирање на пазарот со нафтените деривати. Оваа стабилизација, според него, доаѓа како резултат на најавите за мировни преговори меѓу САД и Иран.
Оваа изјава премиерот ја даде одговарајќи на новинарски прашања, за време на неговатапосета на поставување камен-темелник на нова детска градинка во Општина Карпош.
Во понеделник, кога Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) треба да ја донесе новата одлука за горивата, премиерот очекува значително намалување на цените.
Според него, бензините се очекува да поевтинат за околу четири денари по литар, а намалувањето кај дизелот да биде за околу седум денари по литар.
„Ние правевме наши калкулации, малку е зголемена и вредноста на доларот. Очекувам во понеделник врз основа на тие калкулации, бензините некаде околу четири денари по литар да се намалат, а дизелот нешто повеќе, околу седум денара по литар да се намали. Така што да почекаме во понеделник Регулаторната комисија официјално да соопшти“,
изјави Мицкоски.
Премиерот изрази очекување дека со финализацијата на мировните преговори меѓу САД и Иран ќе се стабилизира цената на нафтата на светските берзи и комплетната ситуација со енергенсите. Сепак, тој нагласи дека ова е процес кој бара време и не може да се реши преку ноќ.
Мицкоски појасни дека при отворање на Ормускиот Теснец, на танкерите и бродовите кои ќе тргнат оттаму ќе им биде потребен околу еден месец за да стигнат до своите дестинации.
„Тоа не може ако денес тргнат, утре да се таму, така што и тоа ќе биде еден процес што ќе потрае“,
додаде тој.
Со финализирањето на кризата, премиерот очекува нафтениот пазар да влезе во помирни води и до крајот на годината просечната цена за барел нафта да биде меѓу 70 и 80 долари.
