Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово доставил и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот

Основното јавно обвинителство Куманово поднесе обвинителен акт против 25-годишниот жител на Старо Нагоричане, Т.Б. кој се товари за четири кривични дела убиство од член 123 став 2 точка 4 од Кривичниот законик, како и за два обиди за убиство.
Од Обвинителството велат дека согласно член 123 став 3 од Кривичниот законик, бидејќи се работи за умислено лишување од живот на повеќе лица, за овие дела е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор.
Според вештачењата извршени во текот на истрагата, мотивот за делата бил задоволување полови страсти спрема мртви женски тела.
Според прибраните докази во истражната постапка, обвинетиот влегувал во куќите на жени за кои знаел дека се сами и со физички напад и задушување ги лишувал од живот.
Ноќта помеѓу 5 и 6 јануари 2025 година, обвинетиот во селото Клечовце физички нападнал и задушил повозрасна жена додека спиела во својот дом. Од здобиените повреди жената починала.
Во периодот меѓу 5 и 7 јуни истата година, во село Драгоманце, на сличен начин лишил од живот уште една жена.
Наредниот месец, како што велат од Обвинителството, односно на 22 јули, во селото Челопек се обидел да лиши од живот жена, но таа повикала помош по што обвинетиот побегнал.
На почетокот на оваа година, додаваат од Обвинителството, во вечерните часови меѓу 17 и 18 јануари во село Старо Нагоричане, на ист начин лишил од живот помлада жена во нејзиниот дом, а за која знаел дека е сама.
Во вечерните часови меѓу 5 и 6 февруари годинава во село Челопек, лишил од живот повозрасна жена.
Последниот евидентиран случај, како што се додава во соопштението, е на 9 февруари годинава кога во село Челопек се обидел да изврши убиство врз уште една жена, но се исплашил од звук што го слушнал и го напуштил местото.
Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Куманово доставил и предлог за продолжување на мерката притвор за обвинетиот.
Инаку, во мај годинава обвинителот Љубомир Лапе, на прес-конференција рече дека доказите упатуваат на тоа оти станува збор за прв регистриран случај на сериски убиец во државата, со елементи на фемицид.
Поврзани вести:
- Прв случај на сериски убиец со елементи на фемицид во Македонија – овчарот од Старо Нагоричане ќе се товари вкупно за шест убиства
- Уапсен 25-годишник во Старо Нагоричане осомничен за убиство на 78-годишна жена
- Дваесет и петгодишник е осомничен за свирепото убиство во кумановско Челопек, се испитува негова поврзаност и со други случаи
- Осомничениот убиец од Старо Нагоричане ќе оди на психијатриска процена
- Двете жени од Општина Старо Нагоричане починале од насилна смрт, велат од Судска медицина
- Осомничениот за убиството во Општина Старо Нагоричане е во затворот во Куманово и е во добра здравствена состојба
- Ќе се ексхумира телото на уште една повозрасна жена од Кумановско, 25-годишникот досега е осомничен за две убиства, мотивот останува непознат
