Информацијата ја потврдија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од каде што велат дека се известени за случајот и дека обвинетиот починал откако му се слошило дома. Оттаму додаваат дека Основното јавно обвинителство ќе издаде наредба за обдукција, која треба да ги утврди причините за смртта
Грнчиштанов имаше 54 години, а функцијата генерален инспектор, односно раководител на Инспекциската служба на Дирекцијата за заштита и спасување ја извршувал од почетокот на јануари 2013 година до 16 март 2025 година, кога се случи трагедијата во објектот во Кочани
Почина Љупчо Грнчиштанов, долгогодишен инспектор во Дирекцијата за заштита и спасување, кој беше меѓу обвинетите во главниот предмет за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во кој загинаа 63 лица, а повеќе од 200 беа повредени.

Информацијата ја потврдија од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија, од каде што велат дека се известени за случајот и дека обвинетиот починал откако му се слошило дома. Оттаму додаваат дека Основното јавно обвинителство ќе издаде наредба за обдукција, која треба да ги утврди причините за смртта.
„Јавното обвинителство е известено. Обвинетиот починал откако му се слошило во домашни услови. Основното јавно обвинителство Скопје ќе издаде наредба за обдукција“,
информираа од Јавното обвинителство на прашања од медиумите.
Од неговото семејство за телевизија Телма потврдиле дека нему синоќа му се слошило по што биле пренесен во Клиничкиот центар, каде што му била дадена инфузија, но не бил задржан на лекување. Според информациите од семејството за телевизијата, тој починал утринава.
Инаку, на Грнчиштанов, како и на другите 34 обвинети во големиот предмет за пожарот во „Пулс“, му се судеше за кривичното дело тешки дела против општата сигурност.
Грнчиштанов имаше 54 години, а функцијата генерален инспектор, односно раководител на Инспекциската служба на Дирекцијата за заштита и спасување ја извршувал од почетокот на јануари 2013 година до 16 март 2025 година, кога се случи трагедијата во објектот во Кочани.
Според обвинителниот акт, тој е обвинет затоа што „не ја координирал и организирал работата на инспекциската служба“.
На рочиштето на 2 декември минатата година, како и другите обвинети и Грнчиштанов се изјасни дека не се чувствува виновен за делото што му се става на товар.
Инаку, според информациите тој извесно време по почетокот на истрагата беше во притвор, кој потоа му бил заменет со куќен притвор.
За пожарот во „Пулс“ се обвинети 35 физички и три правни лица. Меѓу нив се сопственикот на кабарето, негови блиски, инспектори на државни институции, поранешни министри и припадници на агенцијата што го обезбедувала т.н. кабаре и нејзиниот сопственик. Одбраната на обвинетите, во досегашниот тек на процесот кој е во доказна постапка, во повеќе наврати оспорија тезата на Обвинителството дека има каузална, односно причинско-последична врска помеѓу дејствијата на обвинетите и причината за смртоносниот пожар. Судењето го води судијката Диана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Уште пред да почне друго судење поврзано со „Пулс“, кон средината на октомври, почина Владо Петров, пензиониран полициски службеник. Тој беше осомничен дека додека бил главен инспектор за сообраќајни работи потпишал документ за паркинг-просторот пред т.н. кабаре во Кочани.
Во врска со пожарот во „Пулс“ покрај големиот судски процес, од кој рочиштата се одржуваат во судницата во Идризово, се водат уште два судски процеси, од кои во едниот се обвинети девет, а во другиот 13 полициски службеници.
На почетокот на минатиот месец со осудителни пресуди и условни казни заврши судењето против уште тројца полициски службеници во врска со „Пулс“.
