Премиерот Мицкоски пред два дена рече дека до него пристигнувале забелешки за недоволна достапност на дел од министрите и директорите, како и за оддалечување од секојдневните проблеми и потреби на граѓаните

Во врска со процесот за најавената реконструкција на Владата, во текот на денешниот и утрешниот ден предвидени се средби со политичките партии ЗНАМ и Влен, брифираат од Владата.
Сепак, оттаму нагласуваат дека разговорите во моментов се во рана фаза и претставуваат чувствителен процес кој бара сериозен и одговорен пристап поради што не соопштуваат дополнителни кадровски детали. Единствено велат дека јавноста ќе биде целосно информирана штом се постигнат конкретните договори и финалните решенија.
Главниот патоказ за претстојните измени, додаваат од Владата, се принципите и јавните пораки кои премиерот Христијан Мицкоски ги упати за време на одбележувањето на 36-годишнината од ВМРО-ДПМНЕ во Струмица.
Тој тогаш нагласи дека внимателно ги следи состојбите во институциите и дека не е задоволен од однесувањето на дел од кадрите.
Мицкоски кажа дека до него пристигнуваат забелешки за недоволна достапност на дел од министрите и директорите, како и за оддалечување од секојдневните проблеми и потреби на граѓаните.
Порача дека сите отстапувања прецизно ги нотира, дека ќе има промени, како и дека нема да толерира занес во привилегиите што ги нуди власта.
Она што тој го истакна е дека до него пристигнувале забелешки за недоволна достапност на дел од министрите и директорите, како и за оддалечување од секојдневните проблеми и потреби на граѓаните.
Мицкоски порача и дека Владата е избрана да му служи на народот, а не да ужива во привилегиите на власта, додавајќи дека секој функционер мора да биде достапен, посветен и постојано присутен меѓу граѓаните.
Она што рече дека нема да го толерира е несовесност, неодговорност и отстапување од принципите врз кои се темели работата на Владата, без разлика на функцијата што некој ја извршува.
Премиерот, исто така, порача дека не прифаќа оправдувања за неисполнување на обврските и смета дека секој што не може да одговори на предизвиците треба чесно да го преиспита своето место во тимот.
„Сите отстапувања прецизно ги нотирам и ќе има промени. Тие промени треба да ги подобрат капацитетите и да го дадат максимумот од секој поединец. Сакам секој од вас да остане посветен на народот, достапен и чесен“,
беше пораката на Мицкоски.
Мицкоски изминатите месеци ја најавуваше реконструкцијата на Владата, а по завршување на партиската прослава рече дека овие два дена ќе има средби со коалициските партнери со кои, како што рече, прво ќе треба да се види дали имаат поклопување на визиите.
Изминатиот период, еден од копретседателите на Влен, Биљал Касами, во интервју за „360 степени“ рече дека новоформираната партија е подготвена за ротација на ресори во владината реконструкција и оти за тоа го известиле премиерот. Касами рече дека владиното мнозинство е сериозно и нема некој сериозен проблем.
Од движењето ЗНАМ – За наша Македонија, потврдувајќи ја средбата што треба да ја имаат со премиерот в сабота, рекоа дека на неа ќе побараат детали за точниот опфат на најавената реконструкција. Според, министерот за јавна администрација и кадар на ЗНАМ, Горан Минчев, кога се разговара за реконструкција, граѓаните мислат дека тоа е само првиот ешалон, односно министрите. Меѓутоа, тој вели дека тука има и голем број на втор и трет ешалон – избрани и именувани функционери коишто, исто така, се на тие позиции со соодветна намена да испорачаат резултат.
