Посочи дека анализата за оптимизација е изработена од УНИЦЕФ уште пред седум години и дека сега се адаптира и спроведува во соработка со Министерството и општините
„Законска основа за прераспоредување на наставниците во помошници на своите колеги за децата со посебни потреби постои и не е преименување во образовен асистент, тие се редовно вработени, ќе си примаат плата како наставници, само ќе учествуваат во наставата како образовни асистенти. Тоа е напишано во законот со нивна согласност ако немаат доволен број часови, токму за да не ги изгубат работните места“, рече министерката од собраниската говорница
Министерката за образование и наука Весна Јаневска изјави дека Владата започнува со процес на оптимизација на училишната мрежа, нагласувајќи дека тоа нема да доведе до отпуштања на наставници, туку до прераспределба на часовите за да се обезбеди оптимален ангажман на наставниот кадар.

Ова министерката го изјави од собраниската говорница одговарајќи на пратеничко прашање поставено од Даниела Николова од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ). Таа, повикувајќи се на реакции на наставници и на Независниот синдикат за образование, истакна дека Министерството за образование и наука испратило допис до општините и училиштата со барање да се направи итна анализа за наставниците кои немаат доволен број часови, по што тие да бидат прераспределени и ангажирани како образовни асистенти за ученици со посебни образовни потреби.
„Ваквиот ваш допис се заснова врз одредби од закон и подзаконски акти што апсолутно никаде ги нема и е спротивно на сите афирмативни законски прописи. Зарем сметате дека анализата направена за неколку дена ќе решите сериозен проблем. Затоа ве прашувам дали МОН има изработено анализа колку наставници на ниво на државата ќе останат технолошки вишок по спроведување на оптимизациските сценарија“,
праша пратеничката од собраниската говорница.
Јаневска рече дека анализата за оптимизација е изработена од УНИЦЕФ уште пред седум години и дека сега се адаптира и спроведува во соработка со Министерството и општините.
Ги отфрли забелешките на Независниот синдикат, посочувајќи дека законската рамка овозможува наставници кои немаат доволен број часови, со нивна согласност, да бидат ангажирани како поддршка во наставата за ученици со посебни образовни потреби, без да го изгубат статусот и платата на наставник.
„Независниот синдикат очигледно не го прочитал законот, а излегол со соопштение. Законска основа за прераспоредување на наставниците во помошници на своите колеги за децата со посебни потреби постои и не е преименување во образовен асистент, тие се редовно вработени, ќе си примаат плата како наставници, само ќе учествуваат во наставата како образовни асистенти. Тоа е напишано во законот со нивна согласност ако немаат доволен број часови, токму за да не ги изгубат работните места. Ние сме побарале од ресурсните центри да кажат колку треба за да ги вдомиме првин наставниците, а не да вклучуваме луѓе од надвор за да може тие да имаат сигурност и плата“,
рече министерката.
Оцени дека состојбата во образовниот систем е резултат на долгогодишно вработување кадар и покрај континуираното намалување на бројот на ученици во државата.
„Не станува збор за отпуштање на наставници. Станува збор за прераспределување на часовите за сите да имаат оптимален број. Дополнително, пет години велат дека треба да има едносменска и целодневна настава и вие ја поддржувате за да може двајца наставници да работат во едно одделение. Бирото за развој на образованието е на терен да ги обучи како треба. Ниту наставниците преземаат посебна акција, не дека не слушнале, не дека не се обучени, не дека немало состаноци, но мора со општините да бидеме во координација за да знаат како тоа да го направат“,
кажа таа.
Според неа, Министерството има јасен план за спроведување на процесот, користејќи ги податоците од новиот е-дневник, и додаде дека оптимизацијата е неизбежна поради демографските промени.
„Сто четириесет и седум училишта сами се затворија без оптимизација бидејќи немаа ниту едно запишано дете. Притисокот е најголем во големите градови“,
рече Јаневска.
Како пример, министерката посочи дека не е рационално да функционира училиште со само пет ученици кога тие би можеле да бидат префрлени во централно училиште и да добијат подобри услови за настава. Спојувањето на одделенија и поефикасното користење на наставниот кадар смета дека може да придонесе за подобри образовни резултати.
Процесот, како што додаде, ќе се спроведува постепено во соработка со општините, УНИЦЕФ и другите засегнати институции, а бројот на наставници ќе се усогласува преку природен одлив со пензионирање.
„Како што наставниците ќе се пензионираат, така другите ќе остануваат на работа. Нови вработувања нема“,
кажа министерката додавајќи дека целта на оптимизацијата е поефикасна организација на наставниот процес и подобро искористување на расположливиот наставен кадар.
