Вицепремиерот и министер за транспорт од настан во Солун изрази оптимизам дека за не повеќе од пет години ќе има брза железница на Коридорот 10 која ќе може се користи за превоз на патници и за транспорт на стока
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска од настан во Солун најави дека Македонија ќе почне со изградба на брзата пруга на својот дел од од Коридорот 10, оценувајќи дека станува збор за проект што ќе ја промени реалноста во регионот, како во однос на превозот на патници така и во транспортот на стока.

Говорејќи на панелот „Остварување на проширувањето на ТЕН-Т: Приоритети на инфраструктурата и инвестициски предизвици во Западен Балкан“, во рамките на самитот за инвестиции во транспортот „Обезбедување раст и конкурентност преку поврзување“, кој денеска се одржува во Солун, Николоски изјави дека Коридорот 10 е најважниот економски коридор во Европа. Според него, Коридорот 10 ќе го градат сите земји низ кои тој минува и ќе стане економски најзначајното инфраструктурно поврзување. Како што додаде вицепремиерот, тоа е и пораката од самитот во Солун, пренесе МИА.
Говорејќи за Коридорот, Николоски наведе дека тој целосно ја поврзува Европа, од пристаништето Пиреја во Атина, па сè до Хелсинки во Финска и ако се користи паметно, целосно може да ја промени економијата во Југоисточната и Централна Европа.
„Ако бродовите се закотват овде во Солун или во пристаништето Пиреја во Атина, тоа е за 21 до 22 дена пократко отколку закотвувањето во Хамбург, Антверпен или каде било во северните пристаништа“,
рече Николоски.
Единствената причина зошто ова не се случило досега е затоа што е потребна поддршка особено во однос на железничката инфраструктура, рече вицепремиерот додавајќи дека сега работите почнуваат да се менуваат.
„И тука почетокот е добар. Веќе има брза железница меѓу Атина и Солун. Белград – Будимпешта е веќе завршена. Нашите колеги од Србија работат на делницата Белград – Ниш. Она што недостига е делот меѓу Ниш, Скопје и Солун. Од наша страна почнавме многу амбициозна програма – изградба на брза железница на целиот Коридор 10, од границата со Србија до границата со Грција“,
рече Николоски.
Тоа, рече вицепремиерот и министер за транспорт, ќе биде брза железница, односно за патничкиот сообраќај возовите ќе се движат со брзина од 160 до 200 километри на час, а за карго или товарен сообраќај со 120 километри на час. Амбицијата е железницата да се заврши за пет години и да чини најмалку две милијарди евра.
„Финансирањето е обезбедено преку договорот за стратешко партнерство, што го потпишавме со Обединетото Кралство. Условите се многу поволни, што значи дека почнуваме оваа есен и мислам дека за не повеќе од 5 години ќе има брза железница, која ќе можеме да ја користиме за карго-транспорт, но и за патници“,
рече Николоски.
Овој проект, рече тој, ќе ја промени целосно реалноста во регионот. Од Скопје до Солун ќе се патува за 1 час и 25 минути, што според Николоски, значи дека луѓето ќе може да дојдат на ручек во Солун и да се вратат дома, додека патувањето на релација Скопје – Белград ќе биде два и пол часа, што исто така е целосно нова реалност.
„И товарен воз од Атина ќе биде во Виена за помалку од 24 часа, а од Солун до Будимпешта за 12 до 14 часа, што е целосна промена на реалноста“,
кажа вицепремиерот и министер за транспорт.
На отворањето на самитот се обратија европскиот комесар за транспорт и мобилност, Апостолос Цицикостас, директор на Постојаниот секретаријат на Транспортната заедница, Матеј Закоњшек, потпретседател за политика и партнерство во Европска банка за обнова и развој, Марк Боуман, потпретседател на Европската инвестициска банка, Роберт де Грот, како и претставници на приватниот сектор.

Учесниците на самитот дебатираат како да се подобри координацијата на донаторите, да се зајакне подготовката на проекти, да се зголеми учеството на приватниот сектор и да се претворат приоритетите за поврзување во конкретни инвестиции.
Викендот, премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања, исто така, најави дека во тек се подготовките за почеток на градежните активности за брза пруга на Коридорот 10 кои, ако се оди според планот, треба да почнат наесен.
Според Мицкоски, физибилити студијата и студијата за оцена на влијанието врз животната средина за брзата пруга треба да бидат завршени најдоцна до јули и доколку процедурите се одвиваат според планираното, потоа ќе следува законско решение во Собранието, а од наесен би можеле да започнат и градежните активности на терен по принципот „жолт фидик“.
