Со оваа одлука, како што рече, државата добива прв официјално заштитен минерален симбол од овој вид, изразувајќи благодарност до Геолошкиот завод за соработката
Македонскиот рубин е официјално заштитен како национален полускапоцен камен, соопшти денеска министерката за енергетика Сања Божиновска и посочи дека со ова се заокружува процесот за институционална заштита на минералот, кој се смета за дел од природното и културното наследство на државата.

Со оваа одлука, како што рече, државата добива прв официјално заштитен минерален симбол од овој вид и изрази благодарност до Геолошкиот завод за соработката.
„Го заштитивме македонскиот рубин. Веќе имаме нешто македонско заштитено. Продолжуваме понатаму со заштита и на одредени видови мермер“,
кажа таа на денешниот брофинг со новинарите на кој информира за сработеното во втората година од постоењето на Министерството за енергетика.
Рубинот што се вади во Македонија претставува геолошки разновиден корунд со карактеристична малиноворозова боја, која се должи на присуството на хром во неговата кристална структура.
Се среќава исклучиво во регионот на Прилеп и планините на Мариово, што го прави единствен природен рубин во копнената Европа што се обработува локално.
Покрај својата естетска и колекционерска вредност, македонскиот рубин претставува дел од културното и историското наследство на земјата – симбол на природната убавина и националната гордост.
Активностите за заштита на македонскиот рубин почнаа во септември 2025 година.
