Оттаму оценуваат дека сушата останува еден од најсериозните предизвици на климатските промени, кој бара координиран, навремен и интегриран одговор на сите нивоа на управување и обезбедување соодветни финансиски средства за спроведување на мерки за адаптација кон климатските промени
Македонија се соочува со зголемен ризик од суша поради што се потребни повеќе финансиски средства за реализација за мерки за адаптација – предупредуваат од Центарот за климатски промени по повод 17 јуни – Светскиот ден за борба против опустинувањето и сушата.

Оттаму посочуваат дека земјите од Медитеранот, вклучително и Македонија, сè повеќе се изложени на подолги сушни периоди, намалени врнежи и континуиран пораст на температурите, што директно влијае врз водните ресурси, земјоделството и стабилноста на локалните заедници, при што последиците сè почесто се одразуваат и преку економски загуби и зголемена социјална ранливост.
„Според спроведените национални анализи и проценки, во Македонија значителен дел од Североисточниот, Скопскиот, Вардарскиот, Пелагонискиот и Југоисточниот Регион се оценети како ранливи на суша, со особено чувствителни подрачја како скопската и штипската котлина и Овчеполието. Овие резултати ја нагласуваат потребата од локално приспособени политики, подобро планирање и инвестирање во зголемување на отпорноста на локалните заедници“,
велат од Центарот за климатски промени.
Сепак, како што посочуваат од Центарот, и покрај зголемената изложеност на ризици, подготвеноста на општините во медитеранските региони останува ограничена, што укажува на потребата од посистематски и долгорочни пристапи во управувањето со климатските ризици.
Центарот за климатски промени оценува дека сушата останува еден од најсериозните предизвици на климатските промени, кој бара координиран, навремен и интегриран одговор на сите нивоа на управување. Во таа насока, посочуваат оттаму, неопходно е зајакнување на институционалните и локалните капацитети за проценка на ризиците и стратегиско планирање, како и обезбедување соодветни финансиски средства за спроведување мерки за адаптација кон климатските промени.
