Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека клучниот фокус на институциите мора да биде ставен на превентивните мерки и унапредување на училишните механизми за справување со врсничкото насилство

Превенцијата на насилството кај младите бара координиран, системски и заеднички одговор од сите институции и општествени чинители, вели министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани на денешното потпишување на декларацијата за намери за превенција на насилството кај младите во рамките на националната работна група.
Декларацијата ја потпишаа министерствата за образование и наука, за спорт, за внатрешни работи, за социјална политика, демографија и млади и за дигитална трансформација, заедно со партнерски установи, невладини организации, пратеници и други членови на Националната работна група за превенција на насилство кај младите, која работи со поддршка на ОБСЕ.
„Насилството кај младите не е проблем на една институција, туку предизвик за целото општество и затоа нашиот одговор мора да биде заеднички, координиран и одлучен“,
истакна Лимани и нагласи дека потпишувањето на декларацијата претставува обврска за создавање безбедна средина за младите.
Тој смета дека младите треба да имаат активна улога во креирањето на политиките, а институциите да обезбедат системска поддршка, вклучително и во образованието, менталното здравје и дигиталната безбедност.
Министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека клучниот фокус на институциите мора да биде ставен на превентивните мерки и унапредување на училишните механизми за справување со врсничкото насилство.
„Нашата задача е насилството да го сведеме на најниско можно ниво преку јакнење на превенцијата и создавање безбедна училишна средина“,
рече Јаневска.
Таа рече дека се воведени законски обврски за училиштата да планираат активности за заштита на учениците, зајакнати се стручните служби и дека повторно се воведени дежурства на наставниците како дел од мерките за подобрен надзор и навремено реагирање.
„Младите не стануваат агресивни во училиште, туку агресијата ја носат однадвор или поточно најчесто од семејството. Во собраниска процедура се законски измени кои предвидуваат парични казни за родителите и старателите на децата за кои ќе се утврди дека извршиле врсничко насилство во училиште“,
додаде Јаневска.
Според министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, пак, врсничкото насилство бара сериозен институционален одговор и нагласи дека полицијата веќе е поинтензивно присутна на терен.
„Врсничкото насилство бара сериозен одговор од повеќе институции. Станува збор за појава што зема замав и мораме да одговориме со заеднички сили“,
рече Тошковски додавајќи дека полицијата е во постојана комуникација со училиштата и има засилено присуство меѓу учениците.
Тој посочи дека институциите мора да дадат заеднички одговор за да се постигнат подобри резултати во иднина.
Амбасадорот на ОБСЕ во Скопје, Килијан Вал, ја истакна важноста од партнерството меѓу институциите и меѓународната заедница во насока на превенција на насилството и создавање побезбедна средина за младите.
Тој го поздрави силниот ангажман на надлежните министри и го оцени денешното потпишување на декларацијата како прв чекор, кој мора да биде проследен со решителна акција.
„Најважно е младите да бидат слушнати, да имаат глас и да живеат во средина без страв и насилство“,
рече Вал додавајќи дека Мисијата на ОБСЕ ќе продолжи да го поддржува процесот.
Настанот се одржа во рамките на националната работна група за превенција на насилство кај младите, која претставува прв национален механизам посветен исклучиво на ова прашање. Работната група е воспоставена од Министерството за социјална политика, демографија и млади во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје, со вклученост на институциите, органите за спроведување на законот, како и граѓанскиот и младинскиот сектор.
Со нејзиното формирање се овозможува платформа за координација и дијалог, со цел системско справување со насилството кај младите преку мапирање ризици, идентификација на приоритети и следење на спроведувањето на мерките.
Работната група има цел да ги зајакне институционалните капацитети и да обезбеди сеопфатен пристап во превенцијата, со активно учество на младите во процесите на одлучување и креирање политики поврзани со нивната безбедност.
