Две нови аудиоснимки се објавени на Јутјуб на каналот со име „Зоки истина“. Во снимките со должина од по 36 секунди се слуша гласот на поранешниот премиер и актуелен претседател на СДСМ, Зоран Заев. Гласот на неговиот соговорник е мутиран, но атмосферскиот тон во видеото и гласот на соговорникот многу потсетуваат на веќе објавените разговори за кои Заев кажа дека потекнуваат од ручек во Струмица од летото 2016 година со Александар Верушевски, синот на Зоран Верушевски.
Владиката Наум ќе нѐ мири со Сашо
Во првиот разговор Зоран Заев и соговорникот зборуваат за владиката Наум. Аудиоразговорот е евидентно сечен на неколку места.
„Дедо Наум, владиката“,
вели соговорникот на Заев.
„Што бе он“?
прашува Зоран Заев.
Со кој е близок?
прашува соговорникот?
„Не бе и он е близок со Хари – Мари и он не ми напраи муабет за тоа. На пример, океј е, наш владика е, струмички“,
вели Заев.
Потоа се слуша гласот на непознатиот соговорник:
„Како стои он, каков е“?,
прашува соговорникот.
„Со сите бои е обоен, премачкан. Не знам дали повеќе време поминува со мене или со Сашо“,
се слуша гласот на Заев.
Потоа, разговорот продолжува во насока дека владиката Наум ќе го смирувал Заев со извесен Сашо, чие презиме не се споменува, па само може да се претпостави дека се однесува на Мијалков.
„А?“,
прашува соговорникот.
„Се гледа со Сашо постојано“,
вели Заев.
„Да? Значи знаеш, а?“,
прашува соговорникот.
„Ќе нѐ мири он“,
одговара Заев.
Се ќе соберам на купче и шуто и рогато
Во втората снимка е „интервенирано“ на повеќе места, па не може веродостојно да се заклучи дали дијалогот меѓу двајцата навистина е реплика на реплика. Сепак, генерално, се разговара прво за рејтинзи, а потоа за „Шарената револуција“.
„Се ќе соберам на купче и шуто и рогато“,
вели Зоран Заев во еден дел на снимката.
По уште една исечена секвенца од дијалогот, се слуша како Заев вели:
„Мамето ќе им го е..м после на сите што ќе влезат кај мене во коалиција“
Мицкоски: Александар Верушевски е голем патриот
Кога на 9 мај излегоа првите разговори од средбата меѓу Александар Верушевски и Зоран во летото 2016 година во Струмица, во нив исто така се споменуваа изборите но и бизнисменот Орце Камчев, за кој Заев тогаш има негативен став.
Првата реакција на Заев, по објавувањето на тие разговори, беше дека ги објавил неговиот пиар, веројатно алудирајќи на тоа дека тој лично не му дал „бомби“ на Захир Бекири-Чауш, за што беше обвинуван од опозицијата.
Првата реакција на неговиот политички опонент Христијан Мицкоски тогаш беше дека Верушевски бил голем македонски патриот.
Заев, сепак одлучи да не покрене постапка против Верушевски објаснувајќи дека е пријател на семејството и дека го почитува, независно од чекорот на кој се одлучил.
Утрово „бомби“ и за Мицкоски
Пред да бидат објавени нови разгори од Заев, утрово беше објавена и аудиоснимка во која се слушаат гласовите на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и Зоран Милески-Кичеец. Снимката е објавена на Јутјуб на профил со име „Рекет“.
Снимката трае 23 секунди и од неа се дознава дека Сашо, веројатно Мијлков, донирал двапати по 2 000 евра, за протестот на опозицијата кој се одржа на 2 јуни.