Според ставовите на Венецијанската комисија, додаде дека во правосудниот систем мора да постои заеднички јазик на комуникација, но оцени дека тоа не е во спротивност со можноста теоретскиот дел од испитот да се полага и на друг јазик
Посочи дека актуелниот закон не го уредува директно начинот на полагање на испитот, туку му остава можност на министерот за правда тоа да го регулира со подзаконски акт
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека претходните министри за правда од редовите на Демократската партија за интеграција (ДУИ) не сакале да го решат прашањето со полагањето на правосудниот испит, додека актуелната Влада работи на изнаоѓање одржливо решение.

Во интервју за ТВ Алсат, Мицкоски посочи дека доколку државата овозможила високо образование да се изведува на јазици различни од македонскиот, тогаш нема причина теоретскиот дел од правосудниот испит да не може да се полага и на тие јазици.
„Ако државата дозволила да се формира високо образование на јазик различен од македонскиот, како што се албанскиот, турскиот и англискиот јазик, тогаш не гледам причина теоретскиот дел од правосудниот испит да не се полага на еден од тие јазици“,
кажа тој.
Според ставовите на Венецијанската комисија, додаде дека во правосудниот систем мора да постои заеднички јазик на комуникација, но оцени дека тоа не е во спротивност со можноста теоретскиот дел од испитот да се полага и на друг јазик.
Сепак, посочи и дека, според статистиката, околу 95 отсто од кандидатите Албанци досега успешно го положиле правосудниот испит на македонски јазик, оценувајќи дека не станува збор за дискриминација.
„Треба да кажеме исто така дека статистиката е немилосрдна и речиси 95 отсто од кандидатите Албанци што го полагале правосудниот испит досега и теоретски и практичниот дел на македонски јазик го поминале, што значи апсолутно не станува збор за дискриминација“,
вели премиерот.
Посочи дека актуелниот закон не го уредува директно начинот на полагање на испитот, туку му остава можност на министерот за правда тоа да го регулира со подзаконски акт.
„Изминатите години повеќе министри Албанци од редовите на ДУИ не сакале да го решат овој проблем. Оваа Влада има желба и работи на тоа да најде начин како тој да биде надминат. Министерот Филков е дел од оваа Влада која бара решение, за разлика од претходните влади во кои министри Албанци, за правда не сакале да го решат“,
рече тој.
Досега се организираа два протести на кои студенти побараа да им се овозможи полагање на правосудниот испит на албански јазик.
Мицкоски во мај имаше средба со копретседателите на коалицијата Влен, Биљал Касами и Изет Меџити, на која главна тема беше изнаоѓањето решение за употребата на јазиците при полагањето на правосудниот испит.
На средбата е заклучено дека институциите веќе активно работат на модел кој ќе биде целосно усогласен со Уставот и со Законот за употреба на јазиците, а насочен кон обезбедување правна сигурност и функционалност на системот.
