Вицепремиерот за европски прашања Беким Сали ги повика пратениците да го поддржат предлогот, посочувајќи дека законот овозможува правичната застапеност и меритократијата да одат заедно, а воедно е усогласен со препораките на Венецијанската комисија
На законот остро му се спротивставија пратениците од партиите на Албанците во опозиција, кои сметаат дека предложените решенија претставуваат чекор назад во остварувањето на нивните права
Поддршка за предлогот не даде ниту пратеникот Фатмир Битиќи од СДСМ, кој оцени дека законот е погрешно поставен
Собранието ја почна расправата за утврдување на потребата од донесување на предлог-законот за соодветна и правична застапеност, кој предизвика дебата, особено меѓу пратениците Албанци.
Образложувајќи го владиниот предлог, вицепремиерот за европски прашања Беким Сали оцени дека станува збор за закон од историско значење, бидејќи по 24 години принципот на правична и соодветна застапеност од Охридскиот рамковен договор првпат се преточува во законско решение.

„Дискутираме за закон за правична и соодветна застапеност, должност што произлегува од Охридскиот договор и Уставот. Денеска првпат пред ова Собрание имаме законско решение со кое ова уставно начело го претвораме во закон“,
вели Сали.
Досегашниот механизам познат како „балансер“, посочи дека бил само привремено решение и дека правото на соодветна застапеност треба системски да се уреди.
Според него, законот овозможува правичната застапеност и меритократијата да одат заедно, а воедно е усогласен со препораките на Венецијанската комисија.
Посочи дека законот предвидува механизми за следење на неговата примена, како и политичка одговорност за раководителите на институциите кои нема да го почитуваат.
„Овој закон не е против никого и никому не му одзема права. Тој претставува потврда дека обврските што произлегуваат од Охридскиот договор можат да се реализираат во согласност со највисоките европски стандарди“,
рече Сали, повикувајќи ги пратениците да го поддржат предлогот.
Упати и апел до пратениците Албанци, оценувајќи дека Охридскиот договор не е сопственост на ниту една политичка партија, туку достигнување на граѓаните и обврска на сите политички чинители.
На законот остро му се спротивставија пратениците од партиите на Албанците во опозиција, кои сметаат дека предложените решенија претставуваат чекор назад во остварувањето на нивните права.
Тие побараа повлекување на овој предлог-закон, оценувајќи дека наместо решение што ќе обезбеди еднаквост и праведност, се нуди закон што отвора бројни дилеми и може да предизвика дополнителни поделби во општеството.
Поддршка за предлогот не даде ниту пратеникот Фатмир Битиќи од Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), кој оцени дека законот е погрешно поставен.
Предлог-законот за соодветна и правична застапеност се носи по редовна постапка, а за него денеска во Собранието беше одржана и јавна расправа.
Како што е најавено, законот ќе се носи со„ мал Бадентер“, односно дека за усвојување на законот ќе бидат потребни најмалку 61 пратеник, како и мнозинство од присутните пратеници што припаѓаат на немнозинските заедници.
Собранието попладнево, во рамки на 104. седница, едногласно со 82 гласа „за“ го усвои Кодексот за етичко однесување на пратениците, со кој се утврдуваат основните принципи и стандарди на нивното однесување и постапување.
Според собранискиот спикер Африм Гаши, Кодексот е доработен со поддршка на Национален демократски институт и има за цел да ги зајакне етичките стандарди во законодавниот дом.
