Христијан Мицкоски денеска покажа дека свесно и намерно бега од правдата, реагираат од СДСМ откако лидерот на ВМРО-ДПМНЕ денеска не се појави во полициска станица на разговор во врска со случајот „Боемска“ кога беше фатен како седи во затворен дел од кафеана, спротивно на здравствените протоколи.
„Неговото денешно непојавување во полициска станица за случајот со неговото кршење на мерките и седење во затворен дел од ресторан кој не смеел да работи е непочитување на институциите, законите и обид за бегство од одговорност. Дури и советникот на Наќе Чулев, Љупчо Андоновски кој заедно со Мицкоски ги кршел забраните се обиде да го извади својот шеф, преземајќи целосна одговорност, со што влезе во улогата на возачот на Диме Спасов“,
велат од СДСМ.
Тие го споредуваат Мицкоски со Никола Груевски и го обвинуваат дека се однесува во стилот на неговиот ментор кој избега во Будимпешта.
„Мицкоски мора да понесе одговорност за прекршувањата на мерките и забраните, мора да има одговорност за тоа што свесно и намерно го загрозува јавното здравје додека сите капацитети се ставени во борба против коронавирусот“,
реагираат социјалдемократите.
*Поврзани вести:
Мицкоски не се појави на распит во полиција, испратил адвокат
Советникот на Чулев во одбрана на Мицкоски: Јас побарав да ја отворат винарницата
Чулев: Кој се огрешил од законот, ќе биде повикан од полицијата
