Мицкоски утрово не се појави на распит во полиција за случајот со кафеаната во Дебар Маало, каде што беше затекнат како седи во внатрешноста на објектот, спротивно на протоколите за заштита од ковид-19. Наместо него, во полициска станица дошол негов адвокат
Поранешниот шеф на УБК и актуелен советник на министерот Наќе Чулев, Љупчо Андоновски, по распитот во полициска станица изјави дека тој побарал од сопствениците да ја отворат кафеаната на „Боемска“ за да седне со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
„Дадов исказ пред колегите, објаснив како беше настанот. Жал ми е што толкаво медиумско внимание предизвика овој настан, има многу позначајни работи во државата, но, за жал, интересно им беше дека сум бил на ручек со Мицкоски. Сакам да кажам дека јас се договорив со еден од сопствениците. Бидејќи не работеше винаријата, замолив еден од газдите дали може да отвори и да седнеме со еден пријател. Тој не ни знаеше кој е. Кога виде дека е дојден Христијан Мицкоски, сопственикот нѐ послужи со пијалак и поседивме околу час, час и половина. Потоа си заминавме, а сопственикот ја заклучи винаријата“,
рече Андоновски.
Тој ги демантираше тврдењата на пазарните инспектори кои се пожалија дека биле попречувани да извршат контрола во објектот.
„После нас газдата ја напушти винаријата и си замина, за потоа, преку средствата за масовна комуникација, да разберам дека ние сме биле таму, сме попречувале да влезат инспекторите, дека директорот Сашо Тасевски ја повикал ЕБР, тука се нашол и началникот на интервентата полиција Примислав Димовски, па наводно сме криеле камери, што апсолутно го отфрлам. Јавниот обвинител најверојатно побарал известување преку МВР да го дорасчистат овој случај, а ја користам оваа пригода да кажам да го погледнат членот 3 од Законот за кривична постапка, кој гласи дека на секој сторител на кривично дело ќе му се суди според кривичното дело кое е пропишано во тој момент. Во меѓувреме, доколку се измени еднаш или двапати тој закон, тогаш ќе се примени законот кој е поволен за сторителот“,
рече Андоновски.
Инаку, Мицкоски денеска не се појавил на разговор во полициска станица, туку дошол неговиот правен застапник.