„Разликата помеѓу овие две земји и нашата е тоа што ние ја контролираме целата држава и немаме такви проблеми какви што имаат тие и кај нив опозицијата не работи против своите граѓани и против својата влада, не ја кодоши сопствената влада и не работи за интересите на туѓи влади кои имаат поинакви интереси, како што е случајот кај нас“, изјави денеска премиерот
Премиерот Христијан Мицкоски денеска коментаријаќи го отворањето на првиот од преговорите на Украина и Молдавија со Европската Унија (ЕУ), направи неколку споредби меѓу овие две држави и нашата, во кои во најголем дел ја искритикува опозицијата, обвинувајќи дека и додека била на власт, а и сега работи против интересите на сопствената држава.

Одговарајќи на новинарско прашање за напредокот на Украина и Молдавија на патот кон ЕУ, Мицоски првин се осврна на отворените територијални прашања што ги имаат овие две, кои, како што кажа, за разлика од нас не ги контролираат целосно териториите на своите држави, алудирајќи притоа на војната што Украина ја има со Русија и на предизвиците што Молдавија ги има на тој план.
Имено, Мицкоски беше прашан како коментира тоа што денеска Украина и Молдавија го отвораат првиот кластер од преговорите за членство во ЕУ, додека Македонија и понатаму чека да го направи ваквиот чекор, за кој главен услов се уставни измени.
Друга разлика, според него, е тоа што овие две земји, како што кажа, имаат опозиција која не работи против интересите на својата земја и своите граѓани.
„Разликата помеѓу овие две земји и нашата е тоа што ние ја контролираме целата држава и немаме такви проблеми какви што имаат тие и кај нив опозицијата не работи против своите граѓани и против својата влада, не ја кодоши сопствената влада и не работи за интересите на туѓи влади кои имаат поинакви интереси, како што е случајот кај нас“,
рече премиерот, кој даваше изјави за медиумите по свеченото отворање на фабриката „Бреинчајлд“ во Битола.
Говорејќи во таа насока, премиерот кажа дека и поранешните власти во овие две држави обезбедувале консензус кога станувало збор за стратешки прашања и за надворешни предизвици.
„Тоа не го направи претходната влада (во Македонија), која беше во една, би рекол, прилично очајна состојба тогаш и беше подготвена да коленичи и да прифати бел лист хартија за да остане на власт. Граѓаните тоа го препознаа, ги казнија и ги испратија во опозиција, на следните избори ќе ги испратат и на политичките маргини, а за нив брзо ќе избледи политичката меморија и никогаш повеќе нема да ни се повторат“,
изјави Мицкоски.
Премиерот, во тој контекст, посочи дека актуелната влада ќе продолжи да работи, да ја гради економијата и да испорачува реформи, согласно Планот за раст на Европската Унија.
„Ќе продолжиме да ја градиме македонската економија. Резултати преку ноќ нема. Ние никогаш не сме ветувале чуда и не сме чудотворци. Секој што ветува чуда не ја говори вистината. Ние само ветуваме дека напорно ќе работиме, и работиме. Ќе го добиеме заслуженото. Македонија забрзува и Македонија ќе победи, како што многупати победувала во минатото“,
кажа премиерот.
Еврокомесарката за проширување Марта Кос пред почетокот на денешниот состанок на министррите за надворешни работи на ЕУ во Луксембург рече дека денеска е мегапонедленик за проширувањето на ЕУ, информирајќи дека Украина и Молдавија ќе го направат својот најголем чекор од одлуката за започнување на преговорите за пристапување во Европската Унија во 2023 година.
„Конечно ќе можеме да го отвориме првиот кластер за двете земји бидејќи тие испорачаа, а сега е време да испорачаме и ние“,
рече еврокомесарката за проширување.
Кос рече дека очекува останатите пет кластери двете земји да ги отворат во јули годинава.
Освен што Украина и Молдавија денеска ќе го отворат Кластерот 1, додаде еврокомесарката, денеска Црна Гора ќе затвори уште две поглавја, со што ќе се приближи до затворање на половина од вкупниот број поглавја.
