Во Диселдорф ќе потпише нова Заедничка декларација за намери за соработка меѓу Владата на Северна Рајна-Вестфалија и Владата на Северна Македонија за периодот 2026–2030 година
Во Лондон ќе присуствува и на отворањето на првиот вински саем на земјите од Централна и Источна Европа
Во Даблин ќе оствари средби со пратеници и членови на парламентарниот Комитет за прашања поврзани со Европската Унија, а ќе се обрати и во Институтот за меѓународни и европски работи (ИИЕА)
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, од 15 до 18 јуни ќе престојува во работна посета на Германија, Обединетото Кралство и Ирска, каде што ќе оствари средби посветени на економската дипломатија, билатералната соработка и европската интеграција на државата.

„Нашата цел е јасна: повеќе економски можности, посилни партнерства и конкретни придобивки за државата, економијата и граѓаните“,
изјави Муцунски во пресрет на посетите.
Во Диселдорф оди утре на покана на министерот за федерални, европски, меѓународни работи и медиуми на германската покраина Северна Рајна-Вестфалија, Натанаел Лимински, каде ќе потпише нова Заедничка декларација за намери за соработка меѓу Владата на Северна Рајна-Вестфалија и Владата на Северна Македонија за периодот 2026–2030 година.
На 16 јуни тој ќе престојува во Лондон, каде што ќе има средба со британскиот државен секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој. Во рамки на посетата ќе присуствува и на отворањето на првиот вински саем на земјите од Централна и Источна Европа во британската престолнина, настан насочен кон промоција на македонското вино и унапредување на економската соработка.
Од 16 до 18 јуни Муцунски ќе престојува и во Даблин, каде што ќе се сретне со ирската министерка за надворешни работи и одбрана Хелен Мекенти. Во фокусот на разговорите ќе бидат билатералните односи и претстојното ирско претседавање со Советот на Европската Унија, кое започнува на 1 јули.
За време на посетата на Ирска, министерот ќе оствари средби со пратеници и членови на парламентарниот Комитет за прашања поврзани со Европската Унија, а ќе се обрати и во Институтот за меѓународни и европски работи (ИИЕА).
Од МНР посочуваат дека посетата на Ирска е насочена кон дополнително зајакнување на билатералната соработка и обезбедување поддршка за евроинтегративниот процес на земјата.
Муцунски пред два дена учествуваше на бизнис-форумот „Северна Македонија – Турција“ во Истанбул посветен на унапредување на билатералните економски врски, зголемување на трговската размена и продлабочување на инвестициската соработка меѓу двете земји.
Претходно, во Софија учествуваше на Состанокот на министрите за надворешни работи на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ), кој се одржа во рамките на бугарското претседавање со оваа регионална иницијатива. Во фокусот на разговорите беа европската перспектива на регионот, зајакнувањето на регионалната соработка, безбедноста и отпорноста, како и економскиот развој и конкурентноста во услови на сложени геополитички предизвици.
