„Колку подобра поврзаноста на Балканот, толку подобро. Нормално е главните градови на Бугарија и на Грција да сакаат да се поврзат, но ако се гледа од аспект на економската исплатливост, рутата низ Македонија е далеку пократка“, вели вицепремиерот и министер за транспорт
Во делот на железничкиот карго-сообраќај, тој информираше дека е забележан раст од 23 отсто во првите три месеци од годинава, како и зголемување на приходите од 18 отсто
Во Солун на 18 јуни ќе се одржи средба на високо ниво меѓу Македонија, Грција, Косово, Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска, на која ќе присуствува и европскиот комесар за транспорт и мобилност Апостолос Цицикостас. На состанокот, како што најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, ќе биде потврдена важноста на инвестициите во Коридорот 10.

Во гостување во „Тема на денот“ на Сител, Николоски истакна дека визијата на премиерот Христијан Мицкоски има клучна улога во развојот на инфраструктурните проекти, особено брзата железничка пруга на Коридорот 10, од Куманово до Гевгелија, за која се очекува поставување камен-темелник наесен.
Оцени дека регионалното поврзување е од суштинско значење и дека, иако постојат планови за поврзување на Софија и Атина, рутата преку Македонија е пократка и економски поисплатлива.
Со почеток на активности од есен, додаде дека земјата ќе има временска предност во однос на други регионални проекти, кои би се реализирале подоцна.
„Колку подобра поврзаноста на Балканот, толку подобро. Нормално е главните градови на Бугарија и на Грција да сакаат да се поврзат, но ако се гледа од аспект на економската исплатливост, рутата низ Македонија е далеку пократка. Затоа уште кога беше избрана оваа Влада велев дека мора сериозно да се работи на брзата пруга за Македонија да го задржи своето геостратешко место. Тоа е пресекот на Коридорите 8 и 10, но истовремено претставува и најкратка рута по Коридорот 10. Во спротивно Македонија би останала слепо црево. Со оглед на тоа што ние веќе од оваа есен ќе започнеме со конкретни активности, додека проектот што го спомнавте најрано би се реализирал во 2029 година, сметам дека ќе имаме значајна компаративна предност“,
рече Николоски.
Во делот на железничкиот карго-сообраќај, Николоски информираше дека е забележан раст од 23 отсто во првите три месеци од годинава, како и зголемување на приходите од 18 отсто.
„Бев информиран од директорот на Јавното претпријатие за железнички транспорт Кошутиќ дека во првите три месеци од годинава е забележан раст во карго делот од 23 проценти и 18 проценти во финансите. Тоа е одличен показател“,
кажа тој.
Дополнително, најави дека наскоро ќе биде оперативна нова карго-обиколница околу Скопје, од Драчево до Миладиновци, со што товарниот сообраќај ќе се извади од градското подрачје.
„Практично, станува збор за карго-обиколница околу Скопје, со што товарните возови повеќе нема да влегуваат во градот. Тоа е добро од три причини. Прво, ќе се намали загадувањето во Скопје. Второ, станува збор за целосно електрифицирана линија по која ќе сообраќаат исклучиво електрични локомотиви. И трето, значително се скратува трасата кон Србија, Унгарија, Австрија и другите држави во Централна Европа. Ако на тоа се додаде и фактот дека заедно со Европската банка за обнова и развој е во тек постапка за набавка на нови карго-локомотиви, тогаш јасна е приказната“,
вели вицепремиерот и министер за транспорт.
Николоски се осврна и на бизнис-форумот во Истанбул, посочувајќи дека е договорено карго-поврзување меѓу Македонија и Турција, со цел унапредување на трговската и економската соработка меѓу двете земји.
Според него, значењето на ова поврзување е големо ако се има предвид дека еден од краците на Коридорот 10 започнува токму во Истанбул, што го прави најкраткиот транспортен правец за стоката што од Турција се движи кон Централна Европа.
„На настанот учествуваа повеќе од сто македонски и повеќе од сто турски бизнисмени. Се отвора значителен простор за продлабочување на соработката меѓу деловните заедници на двете држави“,
кажа тој.
Во однос на амбицијата трговската размена меѓу Македонија и Турција да порасне од сегашните околу 900 милиони долари на две милијарди долари, тој смета дека целта е достижна, посочувајќи дека турските компании покажуваат сериозен интерес за инвестирање во Македонија, меѓу другото и поради договорот за слободна трговија со Европската Унија и добрите трговски односи со САД.
Според него, дел од турските компании ја разгледуваат Македонија како потенцијална база за полесен пристап до европскиот пазар.
